strumica denes logo

НЕДЕЛНА РУБРИКА СО Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Постпородилен период – Период на среќа, но и период во кој мајката има потреба од голема поддршка!

Автор:

Датум:

август 18, 2024

Автор:

Датум:

август 18, 2024

Совети, колумни, прашања и одговори. Секоја недела во 14:00 часот со Д-р Никола Маџунков. Најдобра нега преку професионален и непосреден однос меѓу лекарот и пациентот. Оваа недела со Д-р Никола Маџунков зборуваме за постпородилниот период.

Постпородилен период

Периодот после породување е период на среќа, но и период на прилагодување, во кој мајката закрепнува од породувањето. Тоа е периодот во првите 6 недели после породување, и е период кога мајката се поврзува со своето новородено.

Во постпородилниот период мајката се прилагодува на новото секојдневие грижејќи се за своето новородено, но потребна е соодветна грижа и за мајката.

Во првите 6 недели поради нега за своето бебе, да се нахрани и пресоблече, мајките често имаат недостаток на сон и чуствуваат умор. Додека мајката да се прилагоди, посебно мајки кои прв пат раѓаат, овој период може да биде напорен, фрустрирачки и полн со емоции.

За кратко време секоја мајка, влегува во рутина во грижата за своите деца, меѓутоа додека да се прилагодат, потребни се неколку совети што да прават во овој период:

Потребен е одмор – Мајките во после породилниот период мора да спијат доволно за да се справат со заморот. Бидејќи бебињата си имаат свои потреби и може да се будат на 3-4 часа за доење, потребно е мајката во почетокот да спие кога спие и нејзиното бебе.

Потребна е поддршка -Во почетокот секоја мајка има потреба од поддршка, посебно од својата најблиска околина и семејство. Во првите 6 недели телото на мајката закрепнува од породување и не е во состојба да ги извршува секојдневните домашни обврски.

Не е срамно ако се побара помош од своите блиски!

Јадете здраво – Здрава и балансирана исхрана им помага на мајките брзо да закрепнат и да ја добијат потребната сила. Потребен е зголемен внес на житарици, зеленчук, овошје и протеини. Најголемо внимание потребно е да се посвети на внес на големи количини на течности – вода , чаеви и природни сокови.

Без внес на пијалоци кои содржат шеќер – газирани пијалоци, боза и др. !

Физичка активност – На првата контрола после породување лекарот ќе ви објасни кога може да се започне со вежбање. Во првите 6 недели потребна е лесна физичка активност, како пешачење.

Бидете трпеливи еден кон друг – Бебе во домот е новост и прилагодување за сите во фамилијата. Во почетокот партнерите може да немаат време еден за друг, меѓутоа тоа е нешто низ кое поминува секој родител – бидете трпеливи. Доколку некој во семејството се чуствува запоставено, партнер или дете – разговарајте меѓусебно!

Постпородилна тага – Неколку денови после породување можни се промени во расположение, тага, умор, необјаснето плачење, несоница. Тоа се симптоми кои се предизвикани од хормонските промени после породување. Битно е овие симптоми да ги препознае секоја мајка за да може лесно, со поддршка на парнерот, да се справи со нив.

Доколку таквите симптоми траат подолго од една недела, доколку се појави и чуство на вина и губење на интерес за дневни активности тогаш е потребно да се направи консултација со лекар. Постпородилната депресија е ретка, но може да се јави и битно е да се препознае во самиот почеток.

Во постпородилниот период освен емотивни промени мајките имаат и физички промени на своето тело.

Телесна тежина – секоја мајка чуствува дека има промена на својата тежина меѓутоа тоа не е нешто што треба да ги загрижува. Со балансирана исхрана, физичка активност и многу течности, тежината за кратко време се стабилизира.

Болка во градите – во овој период започнува лактацијата и со надоаѓање на млекото градите стануваат болни и осетливи. Најлесен начин за да се справат со ова се, облоги. Нашата традиционална медицина користи облоги со зелка, стар и успешен метод за справување со овој проблем кај секоја мајка.

Констипација – со исхрана богата со влакна ( многу зеленчук и овошје ) и пиење течности, најлесно се справува со овој проблем. На овој начин многу се олеснува и проблемот со хемороиди, доколку постои.

Промени на мускулите на карлицата – секоја мајка после породување чуствува промена на овие мускули. Најдобар начин за враќање во нормала на овие мускули се Кегел вежби и пешачење.

Болка во долен дел на абдомен – ова е болка предизвикана од стегање и враќање во нормала на матката. Со лекарства овој проблем лесно може да се надмине.

Вагинален исцедок – ова е нормално да го има во првите 4 недели, на тој начин матката се ослободува од крвта и делови на постелка. Не се препорачува во овој период користење на тампони поради ризик од инфекции. Исцедокот до крај на овој период ќе стане безбоен, доколку има крварење потребно е да направите консултација со лекар.

Постпородилниот период е период на физички и емоционални промени кај мајката. За кратко време секоја мајка се справува и прилагодува на промените, меѓутоа доколку имате прашања или имате грижи и проблеми околу некои промени на телото, потребно е да разговарате со вашиот лекар.