strumica denes logo

Во маркет не ми дозволија да платам со монети – што да сторите во таков случај?

Автор:

Датум:

август 10, 2024

Автор:

Датум:

август 10, 2024

Оние луѓе коишто преку цела година собираат метални парички со тоа што ги ставаат во шише или во метална каса, најчесто имаат главоболки кога ќе дојде време да ги пребројат монетите и да ги претворат во банкноти или да ги потрошат во маркет.

Проблемот обично го создаваат трговците кои одбиваат да примат монети во голем број, иако се свесни дека со таквата постапка директно ги кршат законите.

Горан Стрезовски од скопската населба Бутел на социјалните мрежи се пожали дека во продавница сакал да го плати тоа што го испазарил со 6.000 денари во монети, но касиерката, а подоцна и менаџерот на маркетот, посочува тој, не му дозволиле да го изврши плаќањето и го натерале да се врати дома без производи.

– Обично собирам монети во пластично шише и еднаш во годината, кога шишето ќе се наполни до врв, ги пребројувам паричките и ги трошам на пазарење. Така направив и сега во еден познат маркет, но доживеав шок кога дојдов на каса за да платам. Монетите ми беа уредно селектирани и залепени со селотејп во купчиња, а секое купче имаше вредност од 100 или 500 денари. Касиерката ми рече дека не можам да извршам плаќање со толку многу железни монети, оти, како што дрско ми посочи, таа работела во маркет, а не во банка. Видов дека не вреди со неа да се објаснувам, па затоа го побарав менаџерот на маркетот, кој, пак, ми го кажа истото што ми го кажа и касиерката. Такви биле правилата на фирмата, па ме замоли да ја оставам корпата на страна и да одам дома по пари, а тој лично ќе ми ја почувал корпата. Се изнервирав, си ги собрав монетите и решив веќе никогаш да не стапнувам во тој маркет – раскажува Стрезовски.

Денар разговараше со економски експерти на оваа тема, а тие посочуваат дека трговците немаат никакво право да одбијат плаќање на нивната роба со монети, дури и да е износот во милиони денари.

– Според сите важечки прописи, денарот е единственото средство, односно валута, за плаќање во малопродажба. Истите тие прописи експлицитно не му даваат право на продавачот да одбива продажба на производите доколку потрошувачот понуди точен износ во монети. Во Законот за заштита на потрошувачите јасно е дефинирано дека трговците не смеат да одбиваат продажба на продуктите кои се исложени и кои се подготвени за продажба – објаснуваат економистите.

За кршењето на ваквите правила, додаваат тие, казните се прилично високи.

Ако сакате да купите некој производ од продавница и на продавачот му истурите грст монети за да го платите тој производ, а продавачот одбие да ги прими парите затоа што го мрзи да ги брои, веднаш заканете се со пријава во инспекција – велат нашите соговорници.