strumica denes logo

Денес се празнува Светиот пророк Језекиил

Автор:

Датум:

август 3, 2024

Автор:

Датум:

август 3, 2024

Син на свештеник од градот Сарира. Одведен во ропство во Вавилон со царот Јехонија и со многу други Израилци. Живеејќи во ропство Језекиил пророкуваше дваесет и седум години. Беше современик со пророкот Јеремија. И додека Јеремија учеше и пророкуваше во Јерусалим, Језекиил учеше и пророкуваше во Вавилон. Пророштвата на Јеремија ги дознаваа во Вавилон, а пророштвата на Језекиил во Јерусалим. Пророштвата на обајцата свети мажи се совпаѓаа. И обајцата беа наскрбувани и мачени од неверниот род еврејски. Пророкот Језекиил имаше страшни и нечуени виденија. На реката Ховар ги виде небесата отворени, облак, оган и блескање и четири животни како растопен бакар. Едното животно имаше лице човечко, другото лице на лав, третото телешко, а четвртото орловско. Човечкото лице Го означува Господа воплотен како човек, лавовското го означува Неговото Божество, телешкото Неговата жртва, орловското лице го претставува Неговото воскресение и вознесение. Другпат му се покажа слика на воскресението на мртвите. Пророкот виде долина полна со суви мртовечки коски и кога над нив слезе Духот Божји сите мртовци оживеаја и застанаа на своите нозе. Ја виде уште и најстрашната пропаст на Јерусалим, кога гневот Божји покоси се освен оние што отпорано беа обележани со грчкиот знак наречен тав, а тој знак е како нашата буква Т, што, пак, е знак на крстот. Злобата на Евреите не го поштеди ниту овој свет маж. Огорчени на него затоа што ги изобличуваше, Евреите го врзаа за опашки на коњи и така го растргнаа. Погребан е во гробницата на Ноевиот син Сим.