strumica denes logo

Дали знаевте дека првиот претседател на Македонија Глигоров е гинисов рекордер? Еве зошто!

Автор:

Датум:

мај 12, 2024

Автор:

Датум:

мај 12, 2024

Дали сте знаеле дека првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров е гинисов рекордер?

Тоа главно се должи на неговите години.

Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип и со тоа е најстариот македонски политички функционер.

За претседател на Република Македонија Глигоров беше избран на 27 јануари 1991 година од македонското Собрание, кога доби поддршка од 114 од вкупно присутните 119 пратеници, а по втор пат беше избран на првите непосредни претседателските избори одржани во октомври 1994 година.

На 19 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

За време на неговиот мандат како шеф на државата се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија.

На референдум одржан на 8 септември 1991 година беше прогласена независноста на земјата, а Македонија беше и единствената од поранешните југословенски републики која се осамостои по мирен пат.

На 17 ноември 1991 беше донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите Нации.

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Глигоров беше извршен атентат. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Досега не се откриени ни нарачателите, ниту извршителите на атентатот.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.