Не користете мобилен телефон додека возите! Секој повик може да почека. Покажете грижа за вашата и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот, наведено е во соопштението на РСБСП.
Современото живеење не може да се замисли без користење мобилен телефон. Но, наспроти предностите и функционалноста, неговата употреба додека сте вклучени во сообраќајот на патиштата може да биде причина за несакани ситуации, предупредува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).
„Користењето на мобилен телефон додека управувате со моторно возило во прв ред го одвлекува вниманието (зборувањето на телефон одвлекува внимание, додека пишувањето пораки на телефон е двојно поопасно затоа што не само што го одвлекува вниманието, туку на момент возачот воопшто не го гледа патот и сообраќајот во кој е вклучен). Според статистички податоци од релевантни институции од САД, возачите кои користат мобилен телефон додека возат имаат 23% поголеми шанси да бидат вклучени во сообраќајна несреќа отколку другите возачи, додека истражувањата на СЗО покажуваат дека користењето на мобилен телефон за време на возење ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за 4 до 9 пати. Студија од Универзитетот во Јута, САД, покажува дека времето на реакција на млад возач кој користи мобилен телефон е исто како и на 70-годишен возач кој не користи мобилен телефон, додека според транспортниот институт на Вирџинија испраќањето пораки за време на возење е шест пати поверојатно да предизвика сообраќајна несреќа отколку возењето во алкохолизирана состојба“, соопшти РСБСП.
Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, посочуваат оттаму.
„Но, и покрај тоа, голем број возачи користат мобилен телефон додека управуваат возило со што го прекршуваат Законот и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот на патиштата. Не користете мобилен телефон додека возите! Секој повик може да почека. Покажете грижа за вашата и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот“, наведено е во соопштението.