Дури 20% од средношколците со соочиле со некој вид на сајбер булинг, што е една петтина. Повеќе страдаат девојчињата отколку момчињата. Ваквото онлајн насилство највеќе се случува на социјалните мрежи, особено на Инстаграм како најкористена платформа меѓу учениците.
Ова го покажа анкетата организирана од Институтот за човечки права (ИЧП), правена на примерок од 1.017 ученици од средните училишта од сите осум плански региони.
Спроведената анализа покажала дека сајбер-булингот опаѓа со растењето на децата. Односно, во средно, на 16-17 години веќе не е толку застапен, затоа препорака е превентивните и образовните мерки да се преземат на ниво на основно образование.
„Од понудените одговори како ‘несакани пораки’, ‘демнење’, ‘сексуално вознемирување’…. заклучокот е дека ‘озборувањето’ е најдоминатен облик на сајбер булинг (35,8%), каде една третина од вкупните случаи влегуваат во оваа категорија. Ова значително повеќе ги погодува девојчињата. Од друга страна, момчињата почесто добиваат несакани пораки на социјалните мрежи и почесто се предмет на игнорирање, или на социјално исклучување“, рече Ристо Карајков, универзитетски професор што ги презентираше резултатите.
Според професорот, интересно е што во однос на сексуалното вознемирување, разликата е релативно мала меѓу момчињата и девојчињата.
„За тоа кои се перцепциите за сајбер-булингот, тие се конзинстентни со реалните искуства. И девојчињата и момчињата се согласни дека во поголема мера предмет на сајбер булинг се девојчињата. Околу мотивите, тие се омраза, одмазда, завист, љубомора, покажување моќ итн. Но, заклучок е дека има разлика, кај момчињата тоа е покажувањето моќ и шегата, додека кај девојчињата се одмаздата, омразата и завидливоста“, посочи Карајков.
За него е особено важно да се најдат решенија за ваквите појави, бидејќи клучното сознание е дека 20% од учениците сигурно биле, или можеби биле предмет на сајбер булинг во изминатата година.
„Дефиницијата на сајбер булингот е тоа однесување да се повторува. Односно, еден инцидент не е доволен за да се смета за сајбер булинг. Друго, треба да е нешто посериозно, да се повторува подолг временски период. Таа дефиниција влијае на процентот на ученици кои рекоа дека не се сигурни дали биле, или не биле (жртви ). Во секој случај, оваа потенцијална бројка од 20%, една петтина, е многу висока!“, забележа Карајков.
Околу насилството базирано на етничка основа, една третина од учениците Роми рекле дека се предмет на онлајн врсничко насилство, што е значително повеќе од насилството кое го трпи која било друга етничка заедница.
Исто така, анкетата вклучувала и прашања за онлајн животот на средношколците. Па така, основен заклучок е дека учениците поминуваат голем дел од слободното време во дигиталната зона, а најмногу „висат“ на социјалните мрежи.
„Во просек поминуваат нешто над четири часа на социјални мрежи. На тоа се надоврзува и времето на други онлајн платформи, стриминг, гејминг итн. При што, постои статистичка разлика, девојчињата поминуваат отприлика еден час повеќе дневно на социјалните мрежи“, рече професорот.
Средношколците најмногу користат Инстаграм. Втора омилена мрежа им е Тик-Ток, па Јутјуб. По нив следат Снапчет, Фејсбук, X (претходно Tвитер) и Телеграм.
Мрежите ги употребуваат најмногу за комуникација, но и за да слушаат музика, гледаат видеа, следат новости, трендови итн.
„Девојчињата повеќе се наклонети кон објавување статуси, фотографии, коментирање и споделување, за разлика од момчињата кои повеќе гејмаат“, посочи Карајков.
Даниела Андоновска, експертка за родова еднаквост, ги наброја препораките од извештајот кои, како што кажа, биле насочени кон училиштата, социјалните медиуми и интернет порталите.
„Особено е важно да има континуирана едукација и зголемување на дигиталните вештини на учениците. Меѓутоа, истовремено и соодветни обуки кои што ќе бидат наменети за наставниот кадар како и за стручните служби во училиштата, вклучувајќи ги тука и психолозите и педагозите“, вели таа.
Дополнува дека е неопходно и поголемо вклучување на трети лица, односно оние случајни сведоци на овие настани на сајбер булинг.
„Затоа, меѓу препораките се и формирање на групи за поддршка кои што ќе бидат составени од самите врсници и пред сѐ тоа да бидат родовохетерогени групи за поддршка. Понатаму, евентуално воведување на интерни линии за пријавување на различните форми на сајбер букинг“, посочи Антоновска.