МЗТ Скопје Аеродром уште еднаш потврди дека е неприкосновен на македонската кошаркарска сцена, откако на третиот натпревар од финалната серија во Првата македонска лига славеше против Маџари со 80:74 и со максимални 3:0 ја затвори серијата.
Со оваа победа, тимот од Аеродром стигна до 13. шампионска титула во својата историја и продолжи да владее во домашната кошарка.
Тимот Маџари, кој сезонава беше едно од најпријатните изненадувања и дебитант во елитата, одигра храбро и во голем дел од мечот беше рамноправен ривал. Домашниот состав одлично ја отвори средбата и ја доби првата четвртина со 26:21.
Предводник кај Маџари беше Амар Хот, кој одигра одличен натпревар и запиша моќен дабл-дабл со 20 поени и 18 скока. Сепак, искуството и квалитетот на МЗТ дојдоа до израз уште до паузата. Душан Танасковиć и Марин Петков беа најзаслужни за пресвртот и за водството од 46:42 на полувремето.
Најголемата драма се случи во последната четвртина, кога Маџари со серија од 8:2 успеа да израмни на 64:64 и целосно да го врати мечот во неизвесност.
Но, тогаш на сцена стапија браќата Дамјан Стојановски и Војдан Стојановски. Дамјан постигна важна тројка во клучните моменти, а потоа Танасковиќ беше сигурен од линијата за слободни фрлања и ја однесе предноста на 74:68.
До крајот, „металците“ рутински го приведоа натпреварот и заслужено стигнаа до нов трофеј.
За најкорисен играч во финалната серија беше прогласен капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски, кој беше лидер на МЗТ на сите три финални натпревари.
Неговиот брат, Дамјан, пак, испиша историја и стана најтрофејниот кошаркар во македонската кошарка со вкупно 11 шампионски титули.
Со ова, МЗТ Скопје продолжи со доминацијата и уште еднаш покажа зошто веќе неколку години е симбол на врвот на македонската кошарка.






















