Македонија сè уште е меѓу земјите кои слабо се борат против корупцијата. Резултатите не ги допираат властите, а не ги спроведуваат ниту препораките. Ова го изјави Благоја Пандовски, претседател на Транспаренси Интернешнл (ТИ) во неделното интервју на Радио Слобода Европа.
„Реално, таму имавме скок од 9 места на скалилото, имавме 42 поени. Но согласно критериумите на Транспаренси Интернешнл се што е под 50 поени се смета за поразителна борба против корупцијата. Ние се уште сме во земјите кои според ТИ слабо се борат против корупцијата. Имаше и доста препораки во самиот извештај кој беше доста опсежен, но ништо од овие препораки, па и овие резултати за сега немаат ефект врз политичката јавност за ова борба против корупцијата да се згoлеми.“, рече Пандовски.
За Пандовски правосудството и јавното обвинителство се водечки институции кои треба да се борат против корупцијата.
„Непроцесирањето на предметите за корупција, недосудувањето, немањето на правосилни пресуди е еден показател дека ова општество финалниот сегмент, односно правосудството кое треба да се бори против корупцијата и да се донесе правосилна пресуда на крај, непостапувањето на овие орггани, секако дека кај луѓето е намалена довербата во правосудните органи.“, изјави Пандовски.
Лош сигнал за јавноста според Пандовски се измените на Кривичниот законик со што се промени делот за злоупотреба на службената положба.
„Според проценките на ТИ ќе придонесе за застарување на околу 200 случаи поврзани со корупцијата. И тоа е една многу лоша слика во јавноста, бидејќи Кривичниот законик и Законот за кривична постапка преставуваат основи со кои правосудните органи се борат против корупцијата. И кога вие ја намалување казнивоста, а тоа го прави високата политика, извршната и законодавната власт кои ги изгласаа овие промени, можете да замислите каков сигнал е тоа за јавноста, дека самите политичари си изгласуваат закон со кој си ја намалуваат сопствената одговорност и на крај може да се предизвика застарување“, вели Пандовски.
Последен случај кој застаре поради измените во Кривичниот законик беше предметот „Тендери“ каде обвинета беше поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска.