strumica denes logo

МАКЕДОНИЈА: Дури 263 деца влегле во евиденција на МВР како сторители на кривични дела поврзани со дрога!

Автор:

Датум:

март 6, 2024

Автор:

Датум:

март 6, 2024

За пет години вкупно 263 деца влегле во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи како сторители на кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога. Според податоците кои МКД.мк ги доби од МВР за период од 2019 до 2023 година во рамки на откриените кривични дела во најголем дел од случаите кај децата била пронајдена марихуана.

Билтенот на Министерството за внатрешни работи речиси секојдневно е полн со настани во кој за членовите од Кривичниот законик се предвидени високи затворски казни.

Според податоците кои ги добивме од МВР малолетниците се гонат за кривичните дела од членовите 215 и 216 од Кривичниот закон. Најчесто оние малолетници кои биде фатени, кај себе имале марихуана.

Член 215 став 1 од Кривичниот закон вели дека тој што неовластено произведува, преработува, продава или нуди на продажба или заради продажба купува, држи или пренесува или посредува во продажба или купување или на друг начин неовластено пушта во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од три до десет години.

Според став 2, ако делото од ставот (1) на овој член е сторено со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од помало количество, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеца до три години.

Став 3 вели дека ако делото од став 1 го извршиле повеќе лица или сторителот на ова дело организирал мрежа на препродавачи или посредници, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години, а ставот 4 дека тој што неовластено прави, набавува, посредува или дава на употреба опрема, материјал или супстанции за кои знае дека се наменети за производство на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Ако сторителот од став 2, со исклучок на организаторот ќе го открие делото или ќе придонесе за неговото откривање, ќе се ослободи од казна, а ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Дрогите, психотропните супстанци и прекурзорите во државава се регулирани со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци.

Од 2019 година, па до минатата година бројот на деца фатени со дрога бележи благо намалување, односно ако во 2019 таа бројка била 75, во 2023 е 45 сторители на дела поврзани со дроги.

Според членот 216 од КЗ, тој што наведува друг на уживање наркотични дроги и прекурзори или му дава наркотични дроги и психотропни супстанции да ги ужива тој или друго лице или ќе стави на располагање простории заради уживање наркотични дроги, психотропни супстанции или на друг начин му овозможува на друг да ужива наркотични дроги, психотропни супстанции, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Ако делото од став 1 е сторено спрсма малолетник или спрема повеќе лица или предизвикало особено тешки последици, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

Наркотичните дроги, како и подвижните или недвижните предмети употребени за нивно пренесување или растурање, или посебно наменети или ставени за употреба, ќе се одземат.