Нема да поевтини, ама нема ни да поскапи свинското месо по Нова Година, бидејќи африканската чума која ги зафати свињите во регионот и во Македонија е ставена под контрола.
Оваа вест ги израдува граѓаните кои се подготвуваат за божикните празници кога свинското месо е традиционално на мени.
Еден од сопствениците на фарма со свињи, кој инсистираше да остане анонимен, тврди дека нема да има поевтинување на свинското месо, но дека нема да има ни поскапување.
Тој се жали дека сточарството во Македонија функционира на стаклени нозе затоа што младината се отселува во странство, а оние кои остануваат тука не сакаат да се занимаваат со одгледување свињи, туку сакаат господска работа на компјутер.
„Свињите се животни кои бараат многу грижа и внимание. Не може да ги оставиш сами на себе и да очекуваш дека ќе преживеат. Треба да ги храниш, да ги вакцинираш, да ги чуваш од болести. А тоа бара време, труд и пари. Африканската чума ни направи сериозни проблеми и буквално ги опустоши свињарските фарми во регионот. За среќа, ние не поминавме многу лошо, иако моравме да убиеме стотици свињи кои се беа заразиле со болеста. Тоа беше голем удар за нас, бидејќи претрпевме големи финансиски штети, но во споредба со тоа што ги снајде свињарските фарми во Србија, можам слободно да речам дека нам Господ нè чуваше. Искрено, се надевавме дека државата ќе ни помогне и дека ќе ни исплати отштета, но засега не добивме ниту денар. Но, тоа е што е, животот оди понатаму”, вели тој.
Денар разговараше и со Перо Додевски, пензионер од Скопје, кој призна дека искрено се плашел оти божикните празници ќе ги помине со посна храна поради тоа што мислел дека ќе поскапи свинското месо.
Сега, кога разбрал дека свинското месо нема да поскапува, планира да купи цело прасе и да го пече за Божик.
„Свинското месо е дел од нашата култура и традиција. Нема Божик без прасечко месо. Јас сум среќен што ќе можам да го задоволам својот апетит и да го почестам своето семејство со вкусно прасенце”, вели тој.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потсетуваат дека африканската чума кај свињите е вирусно заболување кај сите старосни категории кое предизвикува големи економски загуби.