На девизните берзи вредноста на доларот паѓа трет ден по ред.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 103,57 поени, а вчера во ова време изнесуваше 103,85 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута падна од вчерашните 146,35 на 146,15 јени, пренесуваат регионалните медиуми.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0865 долар, а вчера во ова време беше 1,0830 долар.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми 0,39 отсто, на 85,80 долари, а на американскиот пазар цената на барелот порасна 0,44 отсто, на 81,50 долар.
Цените на акциите во Азија пораснаа како и на Волстрит претходниот ден, а доларот ослабе трет ден по ред бидејќи повеќе инвеститори веруваат дека циклусот на зголемување на каматите во САД е завршен.
Претседателот на ФЕД, Џером Пауел, неодамна изјави дека инфлацијата е сè уште превисока и дека централната банка е подготвена дополнително да ги зголеми каматните стапки, но инвеститорите се надеваат дека во наредните месеци инфлацијата ќе попушти доволно за ФЕД да го запре циклусот на зголемување на цената на парите.
Се проценува дека има повеќе од 50 проценти шанси ФЕД да не ги промени каматните стапки до ноември.
Приносите на американските државни обврзници вчера дополнително паднаа, што е во корист на берзата, стои во написите на медиумите.
„Се чини дека сѐ повеќе инвеститори мислат оти циклусот на зголемување на каматите е зад нас, па почнуваат да купуваат акции“, рече Сем Стовал, стратег во CFRA Research.