strumica denes logo

Македонија ќе ѝ испрати нов пакет воена помош на Украина!

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Автор:

Датум:

август 25, 2023

Што може Македонија дополнително да донира на Украина во воена помош и колку новиот петти по ред пакет донација ќе се одрази на борбената готовност на армијата. Дали ваквиот чекор е во целост оправдан од геостратегиски аспект, со оглед на фактот што многу поголеми и посилни европски држави се резервирани во однос на нова воена помош на Киев во конфликтот со Русија.

Овие дилеми се актуализираа во домашната јавност по вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дадена по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Атина дека Македонија спрема нова воена помош за Киев по која украинскиот претседател му се заблагодари на македонскиот премиер Ковачевски за политичката и воената поддршка која земјава и ја дава на Украина изминатиот период.

Во објава на „Телеграм“, Зеленски потврди дека Македонија подготвува нов пакет воена помош за Украина и додаде дека Македонија досега ѝ донираше на Украина тенкови Т-72, авиони Су-25 и хеликоптери Ми-24 и по глава на жител е еден од најголемите донатори.

Ковачевски, пак, кажа дека Македонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина сè додека тоа е потребно, преку испраќање помош кон Украина, како што тоа го правеше и досега. Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, по средбата, премиерот Ковачевски ја нагласил континуираната и силна македонска поддршка на Украина во напорите за одбрана на земјата и враќање на слободата и мирот, а со тоа и стабилноста во регионот.

„Осудувајќи ја бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина, Ковачевски повтори дека Македонија ќе продолжи со недвосмислена и силна поддршка за Украина, во нејзината самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет“, се наведува во соопштението од Владата.