За прв пат во Македонија, мобилен телефон испрати итна порака за спасување откако возач направил сообраќајна несреќа и излетал од патот. На бесплатниот единствен европски број 112, рано утрово пристигнала автоматска порака за спасување на англиски јазик. Во пораката содржело и ГПС координати, па веднаш бил и лоциран, а подоцна и со друга пријава во МВР, несреќата била потврдена, а по интервенција на службите, возачот е спасен.
„Неговиот телефон, од поновите модели Ајфон 14, автоматски детектирал удар и испратил порака до нашиот Центар во 112. Операторот ја преслушал пораката која била на англиски јазик и воедно ги добил координатите каде што имало индиции дека се случила некаква несреќа. Веднаш потоа стапиле во контакт со МВР, па полициска патрола веднаш се упатила на местото за кое имавме инција. Патролата за кратко дошла на местото по координатите кои ги дала 112 и таму го нашле возилото излетано од пат и човекот кој бил сериозно повреден“, вели Стојанче Ангелов.
112 е единствен европски број на кој може да добиете полиција, пожарна, брза помош или Центарот за управување со кризи. Во функција е веќе една година. Опремата за функционирање беше набавена со донација од ЕУ во висина од 1,5 милиони евра. Во моментов постојат осум центри во Скопје, Битола, Штип, Велес, Охрид, Струмица, а во иднина и Куманово.
„Модерните телефони имаат вградени софтвери кои помагаат да се детектираат несреќи и тогаш кога граѓаните нема да го пријават. Ајфон 14 има краш детектор, кој детектира удар и веднаш автоматски врти на бројот 112. Уште еден момент со кој граѓаните се недоволно запознати, е можноста со било кој смарт телефон, без разлика дали е андроид или ајфон, со брзо стискање на копчето за исклучување телефонот, да го добијат бројот 112“, додаде Стојанче Ангелов.
Инаку станува збор за технологија која сега се имплементира и во сите нови автомобили. eCall автоматски испраќа сигнали до 112 во случај на сериозна сообраќајна несреќа и ја соопштува локацијата на возилото за итни случаи. 112 стана единствен европски број за итни случаи во 1991 година.
Проектот Европски број за итни случаи почна да се имплементира уште во 2006, веднаш по формирање на Центарот за управување со кризи како посебно владино тело. Во 2007 со јавен меѓународен тендер за имплементација на бројот 112 била изработена физибилити студија, а од Владата беше формиран надзорен одбор за следење на имплементацијата. Оттогаш до 2016, и покрај напорите на ЦУК за реализација на овој проект, не се започна со негова имплементација. Пред неколку години Владата повторно го отвори ова прашање и се почна со работа за имплементација.