„Jailhouse Rock“ е насловот на албумот на македонскиот Елвис Присли, Ване Црнгаров, а беше промовиран денес. Албумот содржи осум песни, и е втор албум, кој досега го има снимено Ване со песни на кралот на рокенролот.
Ване, кој неверојатно личи на Елвис Присли, на промоцијата дојде облечен во костум, по каков беше препознатлив кралот, за да ја прослави 30 годишнината од неговата кариера.
Во својата богата музичка кариера Ване има снимено три албуми. Првиот е со македонски фолк песни, од кои тој е автор на повеќето, вториот е со песни од Елвис Присли, како и сегашниот со познати негови хитови.
– Австралиските медиуми се „виновници“, тие ми ја дадоа идејата да го продолжам ликот и делото на Елвис Присли. На почетокот ми беше чудно, кога непознати луге ме застануваа на улица да се сликаат со мене, бидејќи сум бил како Елвис. Оттука и почна се. Ги научивнеговите песни, а со нив го совладав и јазикот, односно акцентот. Тоа се случи на почетокот, бидејќи јас потекнувам од Струмица, но 25 години живеам во Мелбурн. Но, и покрај тоа јас никогаш не ја заборавив Македонија, секое лето сум тука, а понекогаш и зиме. Така и ќе остане. Без оглед што сум толку далеку од дома, во мене сепак, грее нашето сонце, рече Ване и најавува многу идни планови.
Но, ова не е единствениот повод, бидејќи Ване го најави и документарецот насловен како „Сонцето не грее од сите страни“, посветен на неговиот лик и дело.
Документарниот филм го финансираше Ал Џезеира, а премиерно ќе биде прикажан на 6 август, на филмскиот фестивал Астер фест во Струмица. Продуцент на документарниот филм е Дејан Милошевски, режија Глигор Кондовски, а документарниот филм е во продукција на Револушн.
Ване не е познат само на македонската јавност, туку и е светски познат како единствениот Македонец, почитувач на делото на кралот на рокенролот Елвис Присли. Тој е чест гостин во австралиските медиуми, а во 2007 години учествуваше на единствениот фестивал во родното место на Присли, Тенеси, САД, каде се натпреваруваат артисти од цел свет. Во 2017 година, исто така, беше единствениот Македонец кој настапи во Лас Вегас и секако единствениот кој имаше можност за средба со неговата ќерка Лиза Мери Присли во Мелбурн, како и со дел од членовите на неговиот бенд, додека престојуваше на фестивалот.
Како македонски Елвис Присли тој ја имаше можноста да биде дел од филмот „Знаење“, во кој главната улога ја толкува Николас Кејџ, а и еден од ретките кој ја имал можноста да се дружи со дел од познатите холивудски актери.