strumica denes logo

Владата го зголеми ДДВ за пелетите од 5 на 18 проценти, килограм ќе чини 50 денари?

Автор:

Датум:

јули 13, 2023

Автор:

Датум:

јули 13, 2023

Поскапувањето на овој еколошки производ е неминовно и тоа најмалку за 13 отсто, што значи дека за килограм пелети ќе се плаќаат 50 денари. Еден килограм во моментот се продава по 27 денари. На Македонија ѝ се потребни 120 илјади тони годишно, но дури 80 отсто од пелетите се увезуваат

На повеќе од 40 илјади домаќинства што се греат на пелети им се заканува нов ценовен шок, откако Владата на последната седница реши да ја зголеми даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластената стапка од 5 на редовната стапка од 18 проценти. Производителите и увозниците со кои контактираше „Слободен печат“ се затекнати од одлуката и оценуваат дека ова е многу погрешен чекор, кој граѓаните ќе ги изложи на нови трошоци.

Поскапувањето на овој еколошки производ е неминовно и тоа најмалку за 13 отсто, што значи дека за килограм пелети ќе се плаќаат 50 денари? Од ланското лето до пред крајот на 2022 година пелетите поскапеа за повеќе од 50 проценти. Еден килограм во моментот се продава по 27 денари. На Македонија ѝ се потребни 120 илјади тони годишно, но дури 80 отсто од пелетите се увезуваат. Главните пазари од каде што се увезуваат пелетите се Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија. Лани зимата, Србија и БиХ воведоа забрана за извоз, Црна Гора воспостави квоти и дозволи за секој камион посебно, а Бугарија нема доволно количества пелети за извоз.

Просечно за затоплување на осумдесетина квадрати се набавуваат меѓу 2 и 2,5 тони, но има и семејства што купуваат од 4 до 5 тони за една грејна сезона. Даночната стапка на пелетите не е сменета најмалку 5 години и тоа со цел да се намали загадувањето. Пелетите, печките и котлите како еколошки производи интензивно се промовираа, а се даваа субвенции за смена на старите грејни тела. Печките на пелети се покажаа за погодни за затоплување особено на поголемите куќи, но дел од граѓаните ги поставија и во станови. Најчесто овие печки се поставуваа заедно со радијатори за да се загрева целата површина.

– Лоша одлука. Просто не можевме да поверуваме кога слушнавме. И тоа сега во период кога се набавува огрев за наредната грејна сезона. Секако дека ќе има поскапување и тоа на штета на граѓаните. Луѓето ќе мора да се откажат од други работи за да обезбедат соодветно греење. Тоа е неминовно бидејќи многумина ги исфрлија старите грејни тела и се определија да се греат со пелети – велат од една производствена фирма.

И граѓаните што се греат на пелети се затекнати.

– Ги исфрливме старите печки, божем да биде поеколошки. Сега нè чека нов удар, бидејќи и дневната евтина струја којзнае кога ќе почне, а во меѓувреме струјата ќе поскапи поради зголемениот ДДВ – се жалат граѓаните.

Министерството за економија лани во ноември ја замрзна цената на 1 тон пелети на 27 илјади денари, односно 27 денари по килограм, и со тоа ја преполови нивната цена која се движеше до 55 денари за килограм. Од ресорот се правдаа дека биле земени предвид податоците дека во октомври 2022 година набавката чинела 23 илјади денари по тон. Производителите тогаш реагираа дека „ова е лажна слика затоа што е цената била земена по просек“. Во август 2022 година, Владата определи дека највисоката трговска маржа во трговијата за огревно дрво од даб, огревно дрво од бука и пелети за огрев, ќе се позиционира на најмногу до 10 отсто. И тогаш производителите и дистрибутерите реагираа бидејќи увозната цена стана повисока од продажната. Лани пазарните инспектори посочија дека неколку трговци со пелети заработиле глоба од 200 до 800 евра, но и дека маржата кај различни субјекти се движела од 10 проценти до 40 проценти

 Цените на пелетите и на дрвото во Србија се поевтини од лани

Цените на дрвата, пелетите и јагленот за парно се пониски од лани. Како се движат цените на огревното дрво во моментов?
Цените на дрвата, на пелетите и на јагленот во Србија се многу пониски од минатата неизвесна година, а понудата е стабилна благодарение на благата зима, па одредени количини цврсто огревно дрво останаа неискористени. Кога станува збор за огревното дрво, цената му е практично е преполовена од есенските максимални 100 евра за кубен метар, пишува порталот Каматица.

За време на минатогодишната експлозија на цените, а пред ограничувањето на цената со уредба на Владата, еден тон пелети во Србија во екстремни случаи чинеше 400 евра. Овој јуни, пак, цената на сè попопуларниот и најеколошки тип огрев се движи од 32 до 36.000 динари за тон (16 до 18 илјади денари).

Покрај домашните, на пазарот во Србија има и увезени пелети, најмногу од Хрватска и од Црна Гора.