Македонските граѓани сметаат дека САД најмногу имаат придонесено за демократскиот развој на Македонија. Европската унија е прва за економскиот прогрес на земјата, а соседна Србија се перципира како најпријателска држава. Ова го покажа истражувањето на јавното мислење на „Преспа Институтот“, спроведено во април и мај годинава.
Во истражувањето учествувале илјада и петстотини испитаници, а 24,2 отсто рекле дека САД најмногу придонела за демократијата во Македонија. Од нив 21,2 отсто одговориле дека ЕУ е најодговорна за економскиот развој. Дури 45,3 отсто од испитаниците ја сметаат Србија за најголем пријател, а само 6,8 отсто тоа го кажале за САД.
Србија е прва и на прашањето „со која држава Македонија споделува најмногу вредности или интереси“ со поддршка од 62,8 отсто, Албанија е втора со 14,9 проценти, па Косово со 2,8. За Бугарија се произнеле 1,5 проценти од испитаниците.
Последните три години порастот во делот на позитивната перцепција за Србија пораснал за дури триесет отсто. Истражувачите сметаат дека тоа може да се должи на помошта од Белград со вакцините против ковид и помошта за надминување на црковното прашање.
Бројот на оние кои сметаат дека Русија е најголем пријател на земјава, е намален на 1,1 отсто, за разлика од лани кога дури 2,2 отсто од граѓаните имале вакво мислење.
Членството во Унијата е најдобра опција за Македонија, сметаат 61 отсто од испитаниците, а 34 отсто одговориле дека треба да се бара некоја друга алтернатива.