Американски музеј понуди парична награда за оној што ќе пронајде фрагмент од метеорит кој паднал во близина на американско-канадската граница во април годинава.
Областа помеѓу Мејн и канадската провинција Њу Бранзвик беше место на „неверојатно ретка блескава огнена топка“ која падна на 8 април, а сега Музејот за минерали и скапоцени камења од Бехел нуди награда од 25.000 долари на оној што ќе го пронајде фрагментот од метеорскиот дожд, кој е тежок околу еден килограм.
Наградата го привлече вниманието на локалните ловци на метеорити, кои тргнаа во потрага. Се верува дека метеоритите паднале во областа на американско-канадската граница помеѓу Вејт, Мејн и Канус во Њу Бранзвик. Музејот им ја понуди наградата на Канаѓаните и Американците, но ќе ги откупи и другите фрагменти од метеорит кој потекнува од метеорскиот дожд на 8 април.
Оние што веруваат дека пронашле фрагмент или повеќе парчиња, треба да се јават во музејот поради тестирање на примероците.
Музејот во Мејн го поседува најголемиот марсовски метеорит на Земјата, тежок 14,5 килограми, а исто така е дом на најголемата колекција на месечевии метеорити во светот.
Постојат прилично јасни упатства кои одредуваат дали се работи за метеорит или не. Неопходно е да се провери дали фрагментот е тежок, бидејќи метеоритите имаат голема густина и се потешки од повеќето други карпи. Показател е и магнетот, бидејќи речиси сите метеорити содржат метали на железо и никел, кои привлекуваат магнети. Треба да се провери и дали содржи дупки или меурчиња на површината, бидејќи метеоритите обично ги немаат. Надворешниот слој на метеоритот е црн и тенок како лушпа од јајце, бидејќи се топи кога паѓа низ атмосферата на Земјата создавајќи нешто што се нарекува фузиска кора.