strumica denes logo

„СУЛТАНОТ ЕРДОГАН“ НЕ УСПЕА ДА СОБЕРЕ 50 ОТСТО ГЛАСОВИ – ТУРЦИЈА ЌЕ ИЗБИРА ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО ВТОРИОТ КРУГ!

Автор:

Датум:

мај 15, 2023

Автор:

Датум:

мај 15, 2023

TURKEY SWEDEN DIPLOMACY

По обработените 100 отсто од избирачките ливчиња на претседателските избори во Турција, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган освои 49,35 отсто од гласовите, додека неговиот главен противкандидат Кемал Киличдароглу има 45 отсто, јави телевизијата ТРТ Хабер. Третиот кандидат – Синан Оган, доби 5,22 отсто од гласовите.

Турската Централна изборна комисија соопшти, меѓутоа, дека се пребројани 99 отсто гласачки кутии: Ердоган освои 49,40 отсто од гласовите, Кемал Киличдароглу 44,96 отсто, а Синан Оган 5,2 отсто. Броењето продолжува. Останува уште да се пребројат 1.529 кутии во странство и 27 во земјата.

Изборната комисија на Турција соопшти дека повеќе од еден милион гласачки ливчиња се прогласени за неважечки.

Ердоган претходно кажа дека конечните резултати од гласањето сѐ уште се непознати, но е убеден дека набргу „работата ќе заврши во првиот круг“.

Киличдароглу претходно изјави дека сигурно ќе биде одржан втор круг на изборите за шеф на државата, со што ја доведе во прашање изјавата на Ердоган дека тој е лидер на изборниот маратон и дека може да победи во првиот круг.

„Изборите не се добиваат со говори од балкон. Дефинитивно ќе победиме на изборите во вториот круг”, им кажа Киличдароглу на новинарите, истакнувајќи дека пребројувањето на гласовите уште не е завршено.

Вториот круг на гласањето ќе се одржи на 28 мај.

Што се однесува на парламентарните избори, кои исто така беа одржани, „Републиканската алијанса” што ја предводи Партијата на правдата и развојот на Реџеп Таип Ердоган, по пребројаните 99,55 отсто гласови доби 49,3 отсто, односно околу 322 од 600-те места во парламентот, наведува опозицијата. „Народната алијанса”, која ја предводи Републиканската народна партија на Ќемал Киличдароглу – 35,19 отсто или околу 212 места, пренесува ТРТ повикувајќи се на податоците на турската Централна изборна комисија.