strumica denes logo

КОВАЧЕВСКИ: Во иднина ќе се размислува за регулирање на социјалните мрежи за да се избегнат несакани последици

Автор:

Датум:

февруари 28, 2023

Автор:

Датум:

февруари 28, 2023

Со стратегиите за дигитализација и за медиуми во иднина ќе се регулира употребата на социјалните медиуми за унапредување на општеството, а не за несакани последици, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали се планира да се укине апликацијата Тик ток поради тоа што станува ризична за користење.

Ковачевски при денешната посета на Општина Гостивар, посочи дека уште од стартот на примената на социјалните медиуми експертите укажувале дека ќе дојде момент кога поради начинот на кој се креирани и како функционираат ќе бидат тешки за контрола и оти ќе треба да се регулира нивното функционирање.

Социјалните медиуми се нов феномен во општеството. Во моментот кога настанаа пред повеќе до 10 години тие беа апсолутно интересни за сите. Меѓутоа, уште тогаш експерти зборуваа дека ќе дојде момент кога социјалните медиуми на начинот на кој се креирани и на начинот на кој функционираат ќе бидат тешки за контрола, практично невозможни, и оти ќе дојде момент кога ќе треба да се направи регулирање не зборувам во една држава туку регулирање во однос на целокупното нивно функционирање – изјави Ковачевски.

Тој укажа дека постојат различни примери во однос на користењето на социјалните медиуми и други 4Г и 5Г апликации кои се користат на јавните телекомуникациски мрежи.

Секако дека кај нас согласно со стратегијата за дигитализација и стратегијата за медиуми во иднина ќе се размислува во делот на користење на социјалните медиуми, тука не зборувам за сите, не зборувам за некои ограничувања, туку за регулирањето што ќе овозможи нивна употреба со цел за унапредување на општеството, а не да бидат користени за нешто што не сакаме да го имаме како последица во општеството – рече Ковачевски