Република Македонија останува без работна сила. Цели семејства се иселуваат во странство во потрага по подобар живот, а некои европски држави ги зголемуваат квотите за работници од Балканот. Македонските компании бараат итно олеснување на процедурите да увезат работници од Бангладеш и Далечниот Исток.
Пред шест години Дафина од Струмица одлучила да ја напушти Македонија. Потрагата по подобар живот била причина да замине во Германија, каде сега работи во угостителство.
„За подобар живот. Во Македонија нема живот, нема закон, ниту здравство. Народот никој не го прашува како се снаоѓа. Не е лесно. Си оставаш родно место одиш во туѓина, учиш јазик, тешко е, но се навикнува човек“, вели Дафина.
Во Струмица се бавела со земјоделие, но пристоен живот од земјоделие вели нема. Разочараноста од целокупните состојби во држава и потрагата по подобра иднина за нејзините деца ја натерале да остави се зад себе и да почне нов живот.
„Штета е што Македонија е земјоделски крај, но нема егзистенција. Се работи само за трговците, за бизнисмените, а земјоделецот никој не го прашува како преживува и затоа народот бега, изгледа само пензионерите ќе останат во Македонија“, вели таа.
Според Зоран Кочовски, директорот на Агенцијата „Коузон“ која што посредува за работа во странство годишно само во Германија заминуваат помеѓу 2.000 и 3.500 Македонци.
„Зборуваме за регуларно иселување преку добивање документи односно работна дозвола и виза за престој. Секако дека на таа бројка има и дополнителна бројка која точно не можеме да ја определиме, но претпоставките се дека се помеѓу 3.000 и 5.000 се останатите кои бараат други канали за да се преселат во Германија“, вели Кочовски.
Германската економија се соочува со недостиг од околу половина милион работници, а германските власти веќе работат на привлекување на работници од странски земји, меѓу кои и од Македонија.
Дел од германските медиуми објавија дека државата планира да ја удвои квотата за доселување на неквалификувани работници од Македонија и соседството.
Освен за Германија, Кочовски вели дека многу Македонци заминуваат и на сезонска работа во угостителските објекти во Хрватска, Италија, Швајцарија и Кипар. Неговата компанија трета година по ред нуди и сезонска работа во земјоделскиот сектор во Англија. Проценките се дека годинава околу 1.500 Македонци ќе работат таму.
Како посредник со 20 годишно работно искуство Кочовски оценува дека изминативе години миграцијата и интензивното иселување на Македонците го достигнале врвот.
„Бројот на годишната миграција според она што ние го имаме како Агенција се движи помеѓу 9.000 до 15.000 лица во просек, тоа значи дека лица кои што ќе се обидат да живеат во странските држави, но тој број сепак не е конечен, бидејќи дел од нив ќе се вратат. Наша констатација од оние кои бараат работа едноставно е форма на искажување на индиректен револт кон ситуациите во Македонија, затоа што не дека платите се толку многу високи, имено ние имаме миграција на работна сила во Хрватска каде што платите не се повисоки од 850 евра, туку она што е мотив за заминување е подобра иднина и да успеат да се интегрираат во тие системи и општества, бидејќи секој млад човек бара посигурна иднина“, објаснува Кочоски.
Нашите си одат, компаниите бараат странски работници
И додека нашите работници заминуваат во Европа, македонските компании бараат работници од странство.
Хабзи Ибраими, сопственик на градежна компанија, веќе има искуство со ангажирање работници од Турција и Албанија, но вели дека административните процедури се многу комплицирани, поради што државата треба да размислува за нивно олеснување.
„Нашите правници и сметководители се нон-стоп по институции кога треба да се обезбедат работници од странство и затоа треба доколку два пати не се јави некој на оглас за врбаотување, тогаш третиот пат треба да има право странец да се пријави, бидејќи сега само за специфични работи можеш да увезуваш работници, а еве на пример за теслари, армирачи нема, а има потреба“, вели Ибраими.
Според податоците на стопанската комора најголем процент од вработените во градежништвото се лица на возраст од 30 до 49 години, а по нив следува категоријата лица на возраст од 50 до 64 години, додека младите до 29 години се најмалку застапени како работници во оваа стопанска гранка или со само 17,6%.
Недостигот на работници остава сериозни последици врз бизнисот, вели Салам Хасани кој што исто така е сопственик на градежна фирма. Се намалува динамиката на работа, се пролонгираат роковите за изградба и проектирање. Голем дел од нашите работници заминуваат во западните земји, а нови тешко се наоѓаат, вели Хасани.
„Допрва овој период ќе биде уште потежок, ситуацијата е се поалармантна и ќе има последици врз целата економија и бизнисот. Сега ќе треба да размислуваме за увоз на работна сила, да се направат подготовки, да се оспособат агенции и ќе треба да најдеме квалитетна работа сила“, вели тој.
Од каде Македонија би увезувала работници?
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека речиси и да нема сектор каде што не фали работна сила, а особено алармантно е во преработувачката, текстилната, металопреработувачката индустрија, во хотелиерството и градежништвото.
Според Димитров освен одливот, огромно влијание имаат и нискиот наталитет и стареењето на нацијата поради што Македонија останува без работна сила.
„Овој проблем не само што сега е присутен туку понатаму ќе биде и уште поприсутен, така што не гледам друг начин да се надомести оваа работна сила која што ја губи Македонија освен да се увезе работна сила однадвор“, вели Димитров.
Но од каде Македонија би увезувала работна сила и што би им понудила на странските работници за да ги привлече тука?
„Нашите плати, но не само нашите плати туку и и нашата инфраструктура со целокупниот стандард но и социјалната заштита се на многу повисоко ниво отколку да речеме од државите во далечниот исток, еве за споредба просечната бруто плата во Бангладеш е 200 евра, а ние имаме минимална 330 евра, значи нашите плати се повисоки, а од друга страна ние имаме и повисок социјален и општествен стандард и сигурно дека вработените од Далечниот Исток би биле заинтересирани да дојдат во Македонија“, вели тој.
Според политиката за миграција, условите и флуктуацијата на пазарот на трудот, Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот. Според законите квотата не може годишно да надминува 5% од населението на Република Македонија кое законски е вработено.
„Очигледно дека минатата година квотата многу порано се исполни пред завршетокот на годината, а идните години уште побрзо ќе биде исполнета, така што тоа значи дека тој начин на утврдување на квотата ќе биде многу низок и ќе мора да биде зголемена, но мислам дека најдобар начин конкретно е да се промени системот на вработување на странци, да се либерализира и да се поедностави. Ние имаме доста сложен систем за вработување на странци преку МВР, АВРМ и често пати компаниите реагираат дека имаат проблем и доста голема процедура за да вработат странци“, посочува Димитров.
Од Министерството за труд и социјална политика не добиме одговор колкава ќе биде квотата годинава и дали истата ќе биде зголемена.
Неодамна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека „дојдено е времето да ја отвориме дискусијата за потребата од увоз на работна сила“.
Битиќи рече дека недостигот на работна сила се решава со доквалификација и преквалификација на одредена група невработени за да се прилагодат на потребите на пазарот, но оти дополнително ќе мора да се најде начин да се надополни одливот на работници.
„На пазарот на труд има недостиг на работна сила и мора да одговориме на тој предизвик ако сакаме да имаме забрзан економски раст“, посочи Битиќи.
Според Никола Велковски од градежната комора, државата мора да се бори да ги задржи работниците, но истовремено да размислува и за увоз на странски.
„Сакале или не сакале тоа е светски тренд, намалување на стручната работна рака и ние мора да се бориме прво да ги задржиме нашите, но и да можеме и да увезуваме работна рака, тоа е неминовно“ , заклучува Велковски.
Статистиките од пописот покажаа дека бројот на стари луѓе се зголемува на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе. Имено, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население паднал за 12,4%, додека во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за 17,2%.