strumica denes logo

ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ НА НАЈДОБРИОТ НА СИТЕ ВРЕМИЊА – ВЕЧЕРВА КИРИЛ ЛАЗАРОВ ГО ИГРА СВОЈОТ ПОСЛЕДЕН НАТПРЕВАР ЗА МАКЕДОНИЈА!!

Автор:

Датум:

април 17, 2022

Категории:

Спорт, Струмица

Автор:

Датум:

април 17, 2022

Категории:

Спорт, Струмица

Најголемата македонска ракометна легенда, Кирил Лазаров вечерва ќе го одигра последниот репрезентативен натпревар. Откако една година ја извршуваше функцијата селектор и воедно беше играч, 41-годишникот реши дека е време за крај.

Можеби нема подобар начин да се прости од репрезентативниот дрес и да остане предводник само од клупата, отколку реванш баражот за пласман на Светското првенство. Македонија ќе ја дочека Чешка пред преполни трибини во СЦ „Борис Трајковски“, а публиката ќе може последен пат да ужива во мајсториите на Лазаров во репрезентативниот дрес.

Приказната која започна во далечната 1998 година (барем спортски далечна), со натпреварот на Македонија и Белгија во квалификациите за Мундијалот во Египет, ќе заврши денес во Скопје. Кирил Лазаров изгради име, направи успеси и ја крена „летвичката“ превисоко, барем за сегашните можности на македонскиот ракомет.

Започна како скромно момче со огромен фокус за успех, за полека, но сигурно да се етаблира во лидер на Македонија, најголема ракометна легенда и апсолутен рекордер. Лазаров за Македонија одигра 235 средби, на кои постигна неверојатни 1.726 погодоци, што е во просек по 7,34 по натпревар. Со репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров дојде до петтото место на Европското првенство во 2012 година, како и 11. место на Мундијалот во 2009, поставувајќи рекорди. Лазаров низ својата кариера стана рекордер по бројот на голови на Европско и Светско првенство.

Сега, во реваншот со Чесите, селекторот и капитен ќе го има „последниот танц“, со надеж дека Македонија ќе се пласира на Светското првенство во Шведска и Полска. Покрај него, крај на кариерата во репрезентацијата ќе стави и Филип Миркуловски, кој се врати да помогне, а ќе работи во стручниот штаб на Лазаров.

Најсреќните и најбрзите успеаја да си обезбедат билети за дуелот во 19:00 часот, сите карти беа бргу распродадени и нема сомнеж, Чешка ја чека пекол, а Кире и Жути ќе добијат достоен поздрав.