strumica denes logo

„Домаќински и одговорно“ е мотото под кое градоначалникот на општина Босилово – Ристо Манчев даде отчет за првите 100 дена

Автор:

Датум:

февруари 17, 2022

Автор:

Датум:

февруари 17, 2022

Потребите, барањата и очекувањата на граѓаните се големи, а нашите реални можности се лимитирани. Ваквата состојба не нѐ демотивира, напротив, дополнително не поттикнува да го вложиме целиот свој капацитет и знаење, неуморно да работиме за остварување на нашата заедничка цел – модерна и економски развиена општина Босилово.

Во изминатите сто дена покажавме како се работи домаќински и одговорно, посветено, чесно и транспарентно, без предрасуди и поделби, со позитивна енергија и меѓусебно почитување.

За сто денa успеавме да реализираме 6 поголеми и поголем број на помали проекти, два проекти се во фаза на изградба, а за два е потпишан договор и се очекува нивна реализација во наредниот период.

Конкретно, во општина Босилово, во изминатите сто дена се реализирани следниве поважни проекти:

• Асфалтирање на улица во населено место Дрвош во должина од 560 метри
• Изградба – асфалтирање на улица, со потпорен ѕид, во населено место Моноспитово, во должина од 650 метри и ширина на коловозот од 4 метри.
• Изградба на бунар со пумпна станица, за водоснабдување на населено место Дрвош.
• Изградба на пропуст во Иловица во должина од 30 метри.
• Чистење на најмалку десетина диви депонии за отпад на териоријата на општина Босилово
• Чистење на одводен канал во Босилово и санирање на дел од критичните точки на река Струмица.

Во изминатите сто дена, општина Босилово започна со изградба на повеќенаменско спортско игралиште во Моноспитово и во Робово. Двете повеќенаменски игралишта се финансираат преку средства обезбедени од буџетот на општина Босилово за 2022 година, нивната изградба е во тек, и се очекува во најбрзо време да биде завршена.

Покрај наведеното, во изминатите сто дена, во општина Босилово, беа реализирани повеќе помали проекти како што се:

– Тампонирање на улици и полски патишта во Петарлинци, Сарај, Старо Балдовци, Босилово, Моноспитово и други
– Изградба на септичка јама и одводна мрежа во градинката во Босилово и секако обезбедување на дополнителна опрема и инвентар во градинката
– Опремување и уредување на кабинети по природни науки во основното училиште „Кирил и Методиј“ – Иловица.
– Реновирање на простории за пензионерите во Турново
– Набавено е, преку донација, патничко моторно возило „Цитроен Ц4“ за потребите на општинската администрација во Босилово, и др.

Онаа што е најважно, патот за развој на општина Босилово постепено, но сигурно се трасира.

Во тој контекст важно е да се потенцира дека општина Босилово потпиша Договор за партнерство, со општина Ново Село и Центарот за развој на Југоисточен плански регион со кој договор се предвидува реализација на еден од најкрупните проекти во изминатите години, а тоа е изградба на локалниот пат Бориево – Колешино. Проектирана вредност на инвестицијата е 26.497.310 денари и овие денови ќе започне постапката за јавна набавка односно тендерирање, а потоа и изградба на наведениот патен правец.

Исто така, потпишан е договор со Н. Е амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада со кој што договор Јапонија ќе обезбеди ново возило за собирање смет за општина Босилово во износ од 67.820 евра без ДДВ.

Во завршна фаза се активностите за обезбедување на средства за асфалтирање на повеќе локални улици и патишта, со посебен приоритет на патниот правец Еднокуќево – Босилово. Целокупната постапка е во тек и се очекува во месец Април да биде распишан тендер за негова реализација.

Во изминатите сто дена, општина Босилово започна и со реорганизација на локалното комунално претпријатие, каде има значително подобрување на јавната чистота, осветлувањето, замена и одржување на урбаната опрема, одржување на собраќајната инфраструктура, итн. Но, мора да се потенцира дека сеуште има голем простор за подобрување на услугите на комуналното претпријатие.

Манчев истакна дека како градоначалник на општина Босилово, улогата на локалната самоуправа, не ја гледа само во изградба на инфраструктурата. Општината. т.е локалната самоуправа според Манчев треба активно да учествува во процесот на градење на општествени вредности. Согласно тоа, општина Босилово, во изминатите сто дена беше партнер, поддржувач и организатор на повеке општествени активности како што се:

– Акција за пошумување во која беа засадени 650 дрвца
– Крводарителска акција и хуманитарна акција за помош на ранливи групи
– Кампања за безбедност во сообраќајот
– Турнир во мал фудбал,
– Проекција на филмови
– Новогодишни настани и манифестации, и др.

Општина Босилово, во изминатите сто дена е отворена за граѓаните, со секојдневни бројни средби. Нашата комуникација со граѓаните не само што ќе продолжи, туку и ќе се интензивира во наредниот период.

Во наредниот период продолжуваме со работа, труд и посветеност. Продолжуваме со реализација на проекти. Пред нас се сериозни предизвици. Покрај големите долгови, економската и енергетската криза, пред нас се сериозни предизвици затоа што голем дел од граѓаните на општина Босилово имаат проблеми со водоснабдувањето, затоа што не е изградена канализациона мрежа во ниедно населено место, имаме сериозен проблем со третманот на отпадот, училишните згради се руинирани, имаме многу неасфалтирани улици по населените места, одводните канали се затрупани а полските патишта ископани – истакна Ристо Манчев градоначалник на општина Босилово по повод сто дена извршување на функкцијата.