Интернет алатката ЈУТЈУБ стана секојдневие на сите нас. Дел од младината веќе и заработуваат од истата. На наше задоволство, интервју со Лазар Аризанов момчето кое скоро 8 години снима видеа на јутјуб.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Лаки, во изминативе неколку години јутјубот стана вистински тренд меѓу младите. Што те натера тебе на ваков чекор?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Прво добро утро, добар ден, добра вечер, зависи кој кога чита, мило ми е што сум поканет на ова интервју јас сум Лазар Аризанов или познат под името Laki Care имам 19 години и сум од Гевгелија. Како еден од првите јутубери во Македонија, постирајки видеа од почетокот на 2013 година, можам да кажам дека јас немав уопште поима што е тоа јутуб, не ни гледав јутубери. Поради големата љубов према камера, фотоапарат, видео и фотографија често со другарите разговаравме за рекламите на телевизиите како настанале од почетокот на процесот до самиот крај.Така дојдовме до муабет дека уствари постои онлајн начин да се постираат видеа и тука јас научив за јутуб. Поради големата љубов према визуелниот свет, која ја стекнав преку дедо ми и мојот татко, се решив и јас да продолжам со истата професија, само што јас се решив тоа јавно да го споделувам, додека тато и дедо тоа го правеа приватно. Така започна мојата приказна за објавување на видеа на социјалната мрежа YouTube, нормално почнуваш со празен мозок немаш идеи, па бараш други јутубери да видиш каков контент имаат и тука јас со самото тоа истражување стекнав некое минимално искуство и почнав да се пронаоѓам во кој дел од визуалниот свет припаѓам.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Колку следбеници брои твојот канал и дали можеби имаш некоја статистика од кој дел на Македонија најмногу те следат?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Во моментот мојот канал брои 9,000 следбеници, но со оглед на тоа дека почнав во 2013 година, јас до денес можда и ќе имав бројка од околу 100.000 следбеници, но имав многу проблеми порано, бидејќи од 2013 до 2016 јас променив 3 јутуб акаунти поради проста причина дека имаше група на луѓе кои не им се допаѓаше тоа што јас го работам и ми ги бришеа каналите со лажни пријави за прекршување на јутуб правилата, тоа беа раните години на јутуб и сеуште не беше толку напреден да они ги прегледуваат пријавите, него напротив бришеа акаунти според број на пријави. Во текот на следните години јутуб стана една од понапредната, може и да кажам една од најнапредната апликација за прикажување на се што може да се објавува и на телевизијата, но тука имаш потполно право да се рекламираш и сам себе, нормално бесплатно, додека на телевизија треба да платиш, за да те емитуваат на некој од каналите. Иначе аналитиката на јутуб сеуште не е направена да се ориентира според градови, туку според држави, така да 88% Македонија, 4.2% Германија,
3.8% САД, 3.5% Швајцарија, 2.4% Италија и.т.н.
СТРУМИЦА ДЕНЕС:Какви видеа најмногу успеваат на твојот канал?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Па до сега според многу бројните објавени видеа, на мојот канал успеваат најмногу видеата од типот на кратки смешни клипови од по 3-5 минути. Во 2018 година реализирав еден проект, со мој најблизок другар исто така јутубер, серијал на кратки смешни клипови, таканаречени скечови под името ”Гевгелиски Сељаци”. Со тоа претставувавме некој наш замислен тип на хумор кој имаше 2 сезони по 5 епизоди и секоја епизода броеше над 20.000 прегледи. Исто така секоја моја објавена песна, која за мене е успеана достига бројка од најмалку 10.000 прегледи.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Прашањето што можеби најмногу ги интересира младите. Се заработува ли од јутјуб?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Да, но има еден проблем, што Македонија е ставена на црната листа за онлајн заработки најверојатно. Не знам колку што сум информиран, затоа немаме ни PayPal во Македонија и сите заработки се намелени поради некои проблеми што се случиле порано, нема да навлегувам подлабоко иако знам зошто.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се твоите планови за во иднина, што би било ново?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Па во моментот спремам EP (Extended Play) или на Македонски кажано мини – албум од 3 песни, на кој работам од месец Септември и сакам да биде се како што треба, така да се надевам дека ќе излезе до крајот на Декември или почетокот на Јануари 2022 година. Исто така пошто сум од Гевгелија, живеам во Скопје, веќе 2 месеци и со тоа што запознав многу уметници, артисти, инфлуенсери спремам една нова емисија која што ќе се емитува на мојот канал исто од почетокот на Јануари 2022 година. Емисијата ќе биде нешто слично на американската емисија “The Tonight Show Starring Jimmy Fallon”, толку имам да кажам, се друго оставам на публиката сама по себе да одлучи дали ќе ја гледа таа емисија или не.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај што би им препорачал на оние кои ќе го прочитат интервјуто?
ЛАЗАР АРИЗАНОВ: Ми претставува голема чест што бев дел од ова интервју и многу брзо ми пројде времето. Се што имам да им кажам е дека визуелниот свет општо како целина е многу забавна гранка во животот барем за мене. Исто така сакам да им препорачам дека безразлика кога и да имаат проблеми во животот, не треба да се откажуваат од ништо, а најмалку од нивниот сон, поради тоа што се што е твое ќе си дојде само треба да се работи напорно, без прекин, бидејќи онлајн светот е многу поразличен од нашиот не знаеш кога е твојата шанса да се пробиеш, но малку ако задоцниш можеш да паднеш дури и на почетокот од кај што си почнал. Толку од мене имајте убав ден, ви благодарам што одвоивте 10 минути да го прочитате ова интервју. Се читаме во наредна прилика.
Љубов до сите, секогаш ширете позитива и позитивна енергија околу вас, поради тоа што никогаш не знаете, кој како се осеќа и кој кога може да ви помогне.