Почитувани граѓани,
Денес официјално започнува кампањата за Локалните избори 2021 година. Локалните избори се едни од најважните избори затоа што преку нив непосредно и на локално ниво се имплементираат принципите на демократијата и слободата. Преку локалните избори, Вие граѓаните, директно одлучувате, во каква општина сакате да живеете и на кого ќе му дадете доверба да ја води општината и да ги решава проблемите во вашата улица, во вашето маало, во вашето населено место.
Проблеми за решавање, за жал, во општина Босилово има многу. Една четвртина од граѓаните на општина Босилово немаат вода за пиење. Локалните патишта кои ги поврзуваат населените места во општината не само што не се градат, не се ниту реконструираат, а не се ни доволно одржуваат. Не е изградена канализациона мрежа во ниту едно населено место, отпадните води не се третираат на ниеден начин, диви депонии на секој чекор, а јавната хигена е под секое прифатливо ниво.
За жал, не се вложува ниту во образованието, во спортот, во екологијата, во културата…
Програмата за работа , која што пред четири години беше ветена од страна на господинот Зоран Зимбаков, повеќе од 80 проценти не е реализирана.
Затоа, ние, на овие избори, нудиме програма која е реална и остварлива. Програма која дава решенија за најголем дел од проблемите кои ги мачат граѓаните на општина Босилово.
Има многу работи кои што и недостасуваат на општина Босилово да биде модерна и развиена општина, затоа во наредните четири години ќе работиме паралелно и истовремено на повеќе проекти за да можеме да ги оствариме целите.
Главните приоритети со кои веднаш ќе почнеме со реализација се решавањето на проблемот со водоснабдувањето, дивите депонии и јавната хигена и решавањето на проблемот со отворените одводни канали. Патниот правец, Босилово- Еднокуќево исто така ќе биде еден од приоритетите затоа што движењето по овој патен правец веќе е неиздржливо.
Веднаш после изборите, ќе започнеме и со модернизација и реорганизација на локалното комунално претпријатие кое е лицето на општината, а кое сега е пред тотален колапс, потонато во долгови и нула инвестиции во нова опрема.
Нашата програма за работа за наредните четири години е обемна, но реална и остварлива и опфаќа реализација на проекти во повеќе области и во сите населени места. Општина Босилово, мора рамномерно и еднакво да се резвива.
Свесен сум дека за четири години, во општина Босилово не може да се решат сите проблеми, но може да се направат многу работи. Ќе изградиме централна општинска депонија и ќе ги дислоцираме таканаречените „диви“ депонии, ќе го започнеме процесот на изградба на канализациона мрежа, ќе вложуваме во изградба и реконструкција на локалните патишта и улици, ќе изградиме училишни спортски игралишта, ќе реализираме многу проекти со кои непосредно ќе ги решаваме проблемите на граѓаните.
Покрај тоа, како општина ќе иницираме општествен активизам, ќе организираме спортски и културни манифестации, јавни едукативни настани, еколошки акции, итн.
Мојата визија е Босилово да биде економски развиена општина, со развиено и модерно земјоделско производство, со развиен алтернативен туризам и со богат општествен и културен живот. Носители на развојот на Босилово ќе бидат малите и средните претпријатија и индивидуалните земјоделски стопанства.
Во мојата работа како иден градоначалник на општина Босилово, ќе иницирам соработка со бизнис секторот и ќе ги поддржувам локалните бизнисмени во реализација на нивните инвестициски планови, затоа што развојот на општина Босилово е тесно поврзан со развојот и успехот на локалниот бизнис сектор. Ќе ги поддржуваме и индивидуалните земјоделци преку инвестиции во инфраструктурата – изградба и одржување на одводни канали, полски патишта, итн. а исто така ќе реализираме проекти преку кои ќе понудиме можности за изградба на откупни пунктови и преработувачки капацитети за земјоделски производи. Ќе поддржуваме инвестиции во алтернативни извори на енергија, алтернативен туризам, а ќе поддржуваме и претприемништво и развој на малиот бизнис.
Пичитувани,
Во наредните 20 дена, ќе го посетиме секое населено место, ќе ја посетиме секоја улица и секоја куќа, и ќе ја презентираме програмата која нуди решенија за вашите проблеми. Ќе ги слушнеме вашите идеи, предлози и сугестии, кои ќе станат дел од нашата работа, со цел општина Босилово да биде поубаво место за живеење за сите.
Затоа Ве повикувам да не поддржите и да ни се придружите. Заедно да ги направиме промените во општина Босилово. Заедно да ја направиме општина Босилово чиста, уредена, развиена , европска општина.
Време е за промени, време е за одговорна локална самоуправа која што ќе знае да ги реши проблемите на граѓаните.
Босилово мора да биде општина за сите граѓани!