Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета во Штип во одговор на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи протестите за осудените од 27 април изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не е организатор, но ги поддржува протестите што во крајна цел имаат правда.
„ВМРО-ДПМНЕ има прецизен став во врска со тоа прашање, станува збор за луѓе што се неправедно осудени и квалификувани како терористи, тоа е срам за судскиот систем што дозволува, еве, до ден-денеска, сѐ уште тие луѓе да не може да користат вонреден правен лек, односно да може да ја обжалат пресудата на второстепениот апелациски суд и до врховниот и до ЕСЧП, односно Евроспскиот суд за човекови права, ние јасно и гласно кажавме дека тие можеби го прекршиле законот, т.е. некои од нив и признаа пред судот и цитирав јас дел од тие што велеа ‘да’, ние признаваме дека го прекршивме законот, но ние сме подготвени да одговараме за тоа што сме го прекршиле законот, но не сме терористи да одговараме за тероризам.
Така што, апсолутно, одговорот е – да, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржува, не е организатор, но ќе ги поддржува протестите што во крајна цел имаат правда, односно секој да има можност да ја докаже својата невиност за тоа што е осуден, нормално доколку постојат докази за некое друго сторено кривично дело или прекршување на законите, тогаш оставаме на судските власти да судат и да пресудуваат понатаму.
Но, она што го направи тогашниот, би рекол колуквијалец, кој потоа стана уставен судија Кацарска, е сѐ, само не е правда и не е правдина и ние се бориме против таквите судии, кои под политички притисоци, политички се фаворизирани во судството.
Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во иднина да го практикува“, нагласи Мицкоски.