Полициски час од 17 часот попладнето до 05 часот утрото, следниот ден од петок до понеделник е една од можните рестриктивни мерки кои се планираат за земјава за крајот на тековнава недела односно за викенд. Се размислувало дури и за целосен „локдаун“ во текот на двата дена од викендот, но таа опција сега е малку веројатна, тврди извор на Фактор кој потврдува дека од друга страна, заострувањето на рестрикциите е извесно.
Од Министерството за здравство потврдуваат дека е можно да следува викенд во кој ќе има порестриктивни мерки за заштита, но дека нема таква одлука се уште. Дали ќе има ќе зависи од бројот на заболени и хоспитализациите во деновите до петок.
Членови на Комисијата за заразни болести за Фактор велат дека нема најави за нови состаноци, а неофицијално тврдат дека нивната улога во последниот период е безначајна затоа што одлуките не се дискутираат на ниво како кога почна епидемијата на Ковид-19.
Одлуката за заострување на мерките би можела да се донесе и поради зголемениот број на семејни собирања, но најмногу поради полнењето на кафулињата и рестораните особено во викенд деновите.
ИЗВОР: FAKTOR.MK