Група ентузијасти, припадници на македонската православна црква- струмичка епархија, обични граѓани посветени на православието и христијанските вредности. Вака за себе зборуваат луѓето од тимот на Тивериопол.мк.
-Нашиот тим е разнолик. Индивидуално нe’ има од различни професии, музиколози, филолози, филозофи, книжевници, преведувачи, теолози. Но, она што ни е заедничко на сите ни е црквата и православието, а како што покажува и името на нашиот портал, и Струмица. Но, нашето делување секако ќе го прошириме на подрачјето на нашата епархија, значи и Берово и Дојран. Едната идеја беше, нашето црковно живеење да го прошириме и во дигиталниот свет. Тој (црковниот н.з) е толку богат и жив, што вреди, треба и мора да се сподели. Знаете она што како дар го добиваме од Црквата преку нејзините тајни, ние мора и сакаме да го прикажеме и во нашето секојдневно делување во заедницата. Затоа сакавме да создадеме интернет простор во кој, по наш избор ќе се прочита нешто повеќе за богословието, ќе се учиме од поуките, ќе може да ги препрочитуваме беседите на нашиот владика и на нашиот викарен епископ. Одвојуваме простор за културните настани, за уметноста, за најмладите, за здрав живот. Се’ на се еден живописен портал кој ќе плени не само со графичкиот изглед, туку и со содржините кои ќе бидат на распологање на нашите посетители.
Од Тивериолоп.мк велат дека сакаат преку содржините да делуваат и едукативно.
-Знаете забележуваме еден тренд на доследно, да не речеме слепо почитување на обичаи и практики кои изворно не се поврзани со православието. Во еден дел нашата активност ќе биде насочена кон согледување на тие, ајде да речеме недоследности, па преку соодветни форми, дали текст или видео материјал, да поучиме да се види правилното практикување на верата. Жално е формата да не оддалечува од суштината, а со тоа залуден би бил секој подвиг на верниците. Оттука, и храброста, да делуваме едукативно, за да се ослободи верата од стегите на формалностите.
Од Тивериопол.мк велат дека токму видео емисиите го прават порталот поразличен од другите.
-Нашата намера не беше да се поистоветуваме со некои други или пак да бараме начин како да сме поразлични. Едноставно, ја почувствуваме потребата да се чуе и гласот, да се види и сликата. Дали тоа видео ќе биде беседа на нашиот викарен епископ, или ќе биде анимирана евангелска приказна за нашите најмали, или пак ќе биде разговор-интервју. Сепак една визуелно побогата форма. Ете на нашиот Јутјуб канал кој ќе оди рака под рака со сајтот, се наоѓаат постирани видеа, меѓу кои и за првпат преведени и испеани Божиќни каланди. На тој начин, она што нашата црковна заедница го сработи со најмалдите ќе биде на дофат на сите. Па оттаму веруваме дека содржините какои такви ќе ги надминат виртуелно-географските граници кои ние сме си ги поставиле.
Тука, велат од Тивериопол.мк, голема е поддршката што ја добиваат од струмичката епархија.
-Речиси е невозможно, успехот на нашата замисла да помине без благословот од нашиот викарен епископ Јаков. Тука нашата огромна благодарност за подадената рака и разбирање (во иднина и време за да ги реализираме нашите емисии и интервјуа). И целата логистика што ја добиваме од свештените лица во содржинското уредување на некои рубрики директно поврзани со црквата и православието.
Тимот на Тивериопол вели дека може досега најдобро го дефинирале дел од коментарите на социјалните мрежи.
-Прочитавме различни коментари на социјалните мрежи, а некоии не дефинираа, онака како што ние без да мислиме сме се позиционирале. Како интернет остров. И токму така., Така го замислуваме нашиот сајт, како остров на кој секој посетител, добронамерник ќе се одмори од пливањето во често немирните води на секојдневието. Ќе земе починка со четивата во кои почива милосрдието, ќе одмори со писанијата во кои одмора радоста, верата, љубовта. А тогаш, секој ќе види колку е важно, потребно и душеспасително црковното живеење. Колку е обично, а не апстрактно и безумно. Зашто ако целта на секој Христијанин е да помага, тогаш Тивериопол.мк е подадена рака на сите на кои во ова време, им треба смисла, им треба радост, им треба љубов, им треба слобода.