ПРЕС НА ВМРО-ДПМНЕ:
Несреќата со пожарот во центарот на Струмица не може да помине само со искажани зборови за жалење, туку мора да се понесе одговорност. Пожарот во Глобал отвора прашања поврзани и со неговата градба и со актуелното стопанисување, а одговорите водат кон тоа дали станува збор за корупција или за несовесно работење? – прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво, како е возможно објект со кој што стопанисува ЈП Комуналец Струмица, да нема исправни хидранти, односно дали е точно и дали е возможно тие да се несоодветни и да се нестандардни за употреба при пожар?
Второ, ако законски сите правни субјекти се должни еднаш годишно да ги баждарат, да ги проверуваат Противпожарните апарати, како е возможно и кој треба да ја понесе одговорноста за тоа што во објектот се вградени несоодветни хидранти, дали и кога тие се проверени?
Трето, кој ќе понесе одговорност бидејќи ваков пожар можело да се случи во работен ден, при полн јавен објект, трговски центар и да има и човечки жртви, само затоа што ПП систем не функционира, односно е некомпатибилен со пожарникарските црева?
Доколку и не се работеше за ТЦ легализирана дивоградба, што всушност и е ТЦ Глобал, туку за Реконструкција и надградба на градското пазариште, за што и имал документи за тоа, повторно се отвораат прашања за тоа како е граден објектот?
Односно, кој одобрил и врз која проектна документација е одобрена градбата на градското пазариште, која што за тоа мора да има документација за сите фази – од статика, машинство, до ПП заштита?;
Потоа, кој вршел надзор на градбата и дали има пропусти при надзорот поврзани со безбедноста при пожар во објектот?
За на крај кој издал одобрение за употреба на објектот „реконструкција и надградба на градското пазариште“?
Односно, дали е свесно или несовесно работење, односно изграден и предаден во употреба јавен објект кој што е небезбеден во случај на пожар?
Одговори на овие прашања мора да даде лично Зоран Заев, со чиј што договор за градба од 2006 година со бизнис партнер на Заев, е почната градбата на овој трговски центар, со дозвола за реконструкција и надградба на градското пазариште, а потоа е и предаден во употреба.
За потсетување, ТЦ Глобал е најголемата легализирана дивоградба во Македонија, градена како Јавно-приватно партнерство меѓу Заев градоначалникот и партнер на Заев бизнисменот.
За случајот Глобал во 2008 година беше покренато обвинение за Зоран Заев и петмина негови соработници, од главниот архитект, преку изведувачот, до надзорот на градбата на објектот, за криминал тежок осум милиони евра, што остана нерешен по аболицијата со печат на претседателот на државата.
Објектот е завршен и отворен во 2008 година, а е легализиран во 2014 година со потпис на Заев, со законот за легализација на дивоградби.
При легализација на дивоградби, не се бара проектна документација, што подразбира проекти за статика или за ПП мрежа, туку само геодетски елаборат и платени сметки за струја и за вода.
Одговорите на сите овие прашања ги знаеме и во следниот период ќе ги објавиме, но оставаме време на власта да одговори“, кажа Стоилковски.