Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква — Охридска Архиепископија (МПЦ — ОА), во пресрет на претстојните денови на Духовденската задушница, кога си спомнуваме за упокоените христијани, апелира до верниот народ, при посетата на гробовите на своите ближни, да се почитуваат пропишаните мерки од страна на здравствените институции.
Препорачуваме гробовите да се посетуваат само од најблиските, споменот да се изрази преку молитвениот чин, извршен од страна на свештено лице, а воедно апелираме и да се носат потребните заштитни средства, придржувајќи се на веќе дадените упатства.
Христијанството е вера во чија основа се љубовта, грижата и жртвата кон ближните, па затоа го повикуваме верниот народ, и во оваа прилика, да придонесеме во заедничката борба против заразната болест и за општото здравје на сите.
Од Канцеларијата на САС на МПЦ — ОА