Јани Бојаџи е уште еден од низата талентирани струмичани кој преку филсмките платна низ годините влезе во улога на амбасадор на нашата земја, особено на неговата родна Струмица.
Талентиран и креативен, неповторлив трагач по досега невиденото и несоздаденото, визионер во однос на многу прашања и поттикнувач на многу одговори. Секогаш доследен на своите ставови и започнати проекти. Искуствата и знаењата стекнати на Академијата за театарска и филска уметност во Софија ќе го направат еден од најинтересните режисери во земјава, но и пошироко.
Струмица Денес ја има честа да поразговара накратко со Јани Бојаџи и да дознае за неговото детство, почетоците, патот кон успехот и движечкиот мотив во секојдневието.
СТРУМИЦА ДЕНЕС:Потекнувате од семејство на Егејци бегалци и во голем број од вашите проекти го доловувате и обработувате егејското прашање. Се чини дека тоа ќе биде вечен дел од вашиот живот. Кои се најраните спомени од вашето детство? Какви спомени Ви остави Струмица?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Како и секој друг човек, така и јас не сум виновен за моето потекло, но сум одговорен за тоа. Ние сме одговорни пред нашите предци да го сочуваме сеќавањето за нив од егоистички причини. Секој човек кој ги афримира сопствените родители, дедовци и прадедовци си чини чест на себе си, а не на нив. Тие се мртви и нашата љубов и внимание кон нив им е непотребна. Свесноста за тоа кој си и од каде доаѓаш е основен предуслов нормален човек да може точно и недвосмислено да определи каде се наоѓа во моментов но и каде би сакал да стаса задутре. И на крајот, потеклото си го носиме со себе си, каде и да отидеме, а доколку некој човек се бави со творештво, тогаш себе си и своето потекло, сосема природно е да си се однесе и во светот на сопственото творештво. Но во принцип секој раскажувач на приказни раскажува една приказна – таа што ја слушнал за прв пат од неговите баби и дедовци! Така и јас. Инаку, јас сеуште не сум почнал да ја “споменувам“ Струмица затоа што јас и не сум престанал да бидам струмичанец. Јас сум тотално иструмичанизиран човек што би кажал еден за жал покен струмичанец Зоран Маџиров! Според него струмичанизација за нас во Македонија е исто што и californication за Америка.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во кој момент сфативте дека филмското платно е местото каде што се гледате себеси во иднина? Имавте ли поддршка во таа одлука од најблиските?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Јас од дете, може би од мојата десета година знаев што сакам да правам во животот. Имав среќа што татко ми Андони беше љубопитен човек и љубител на техника па филмските камери првично купени за негова лична занимација и хоби многу бргу станаа моја опсесија. Имав тотална подршка од моите родители за моите пасии да снимам филмови, да правам фотографии и дома да создавам лаборатории со хемиски препарати кои можат да ја кренат куќата во воздух. Правев и кино со Латерна Магика во подрумот од нашата куќа и наплаќав билети за децата од маалото! Лудост од детство. Подоцна го открив театарот и тоа беше мојата фасцинација но и колебање дали филм или театар, и како и Бергман пред мене ги одбрав и двете: и филм и театар.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Каков студент беше Јани Бојаџи? Што правеше во слободното време и што од студентските денови ќе му остане во трајно сеќавање? Голем дел од познатите македонски актери и режисери излегуваат од Софиската академија за драмска и филмска уметност. Постои ли разлика во квалитетот на едукацијата која може да се стекне во нашиот главен град и Софија? Зошто голем дел од нашите актери и режисери магистрираат во Софија, но и во градови од други соседни држави?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Јас бев зрел човек кога отидов на студии во Софија. Но уште првиот ден сфатив кај сум и за каква конкуренција се работи кога видов дека сите мои колеги бугари имаат завршено по најмалку два факултети од областа на уетностите и тоа им беше трет факултет! Опасна средина за студирање обременета со фактот дека сте студент во класата на живата легенда на бугарскиот филм професор Ѓорѓи Дулгеров. Знаат моите колеги кои беа таму во тоа време. Јас имав проклета среќа да дипломирам во класот кој се сметаше за секта. За нешто специјално. За екстраординирана група на Наионалната академија за театар и филм во Софија. И тоа ме направи да имам самочувствие кое не ме напушта и ден денешен. Навистина имав среќа. Академијата во Софија ме научи не само на тајните на убавата естетиката, туку и на тајната на убавото живеење. Знаете, нашиот професор постојано велеше: не е важно да бидете добри уметници туку добри луѓе! Тоа нема да го заборавам никогаш. Инаку, јас на моите колеги во Скопје им кажувам дека разликата меѓу академијата во Македонија и Бугарија е на ниво на културен шок! Македонија и Скопје во однос на Бугарија и Софија во сферата на уметноста се примитивни средини со фрустрации на замислени големини на селски деца кои глумаат граѓани на плажа правејќи кули од песок. Тие замислени градови траат до првиот бран.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Имате ли омилен филм и омилена филмска сцена ? Дајте им филмски предлози за претстојниот викенд на нашите читетели. Доколку треба да одберете двајца актери од Холивуд за главни улоги во вашиот следен филмски проект, би ги одбрале?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Имам и омилени филмови и омилена сцена, се разбира, но тоа се филмови кои не се комерцијални и пошироката публика не ги знае. Омилен филм ми е “Фани и Александар“ на Ингмар Бергман а омилена сцена ми е финалето од филмот “Дискретниот шарм на буржуазијата“ на Луис Буњуел. Но би препорачал на вашите читатели еден релативно понов филм – “Кино Парадизо“ на Џузепе Торнаторе и “Меланхолија“ на Ларс Фон Триер. Два сосема различни но сосема совршени филма. А од Холивуд би одбрал две жени: Џуди Денч и Никол Кидман.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Зошто ретко сме сведоци на снимање на македонски филм или серија? Каде лежи проблемот, што ја кочи филмската индустрија во земјава?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Проблемот во Македонија лежи како и во многу други дејности во тоа што една мала група на луѓе кои не сакам сега да ги именувам сметаат дека филмот и кинематографијата е простор кој е резервиран за општестевената елита и никој надвор од нив не смее да биде дел од таа индустрија! Тое е идеа создадена 1949 година и сеуште ја протежираат и бранат. Тие луѓе се сметаат себе си за нешто специјално а филмот за елитна професија која никој надвор од таа каста не смее ниту да ја допре. Бевме на пат тоа да го промениме, но во последните неколку години повторно се врати таа номенклатура и го растури целиот систем создаван макотрпно цела една деценија. Се надевам наскоро да се вратат работите на вистинските патеки.
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кое е идеално време за работа за Јани Бојаџи? Доколку не би работеле како режисер и продуцент, и ако вашата професија не требаше да биде сврзана со уметноста, што би биле по занимање?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Јас работам според стандардите на големиот Жан Расин. Тој тврдел дека откако ќе ја смисли драмата останува само уште да ја напише. Така и јас. Откако ќе ја замислам целата приказна, сценариото го пишувам многу брзо. Впрочем јас доаѓам од американско сценаристичко училиште каде што не научија дека оваа професија не е за сонувачи туку за работници кои си ја работат работата без да барат инспирација за тоа. Пишувањето сценарио е како правење торта. Земате јајца и брашо и правите пандошпан. Ако ви се погоди пандошпанот тогаш не е важно дали тортата е со вишни, кајсии или јагоди. Со или без шлаг! И, да, ако не се бавам со уметност ќе се бавам со угостителство. Мечтаам да отворам една кафеана која би се викала “Јанково Меанче“! Се ќе биде бесплатно ако сами си го приготвите јадењето. Бaгатела. Се јаде и се пие од сабајле до вечер а никој не плаќа за ништо!
СТРУМИЦА ДЕНЕС: Опишете едно ваше просечно секојдневие. Какви промени да очекуваме од телевизијата на чело со Вас?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Станувам, трчам, се враќам дома, читам, пишувам, одам на работа и слушам Ани што ќе ми каже да правам до крајот на денот! Ани знае се за мене, прашајте ја неа. Инаку, прво сакам да скокнам а потоа да речам оп! Така ќе биде и со Алфа телевизија. Публиката заедно со мене ќе скока и заедно на крајот кога се ќе биде успешно ќе викаме оп!
СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, кога публиката може да очекува нешто ново во поглед на вашето творештво?
ЈАНИ БОЈАЏИ: Многу скоро. Следната година.