Под покровителство на градоначалникот Коста Јаневски и Советот на општина Струмица, во техничка организација на Општински сојуз на училишен спорт на Струмица, а во соработка со спортските новинари и спортските работници, синоќа, се одржа традиционалната манифестација на која што беа избрани најдобрите спортски екипи, спортисти и тренери на општина Струмица за 2018 година. За најдобар млад спортист беше избран каратистот Димитар Витанов од клубот „АБЦ“.
Наградите на најдобрите во спортот за 2018 година им ги врачија секретарот на општина Струмица, Александар Оџаков и членови на Советот. Честитајќи им ги наградите, секретарот Оџаков рече дека општина Струмица како и досега така и понатаму финансиски ќе го поддржува спортот. Наредната недела ќе биде објавен повикот за финансиска поддршка на спортските екипи и тренери за 2019 година.