„Ругање со Христос“ во Струмица! На 6-ти, 7-ми и 8-ми Декември филмот на струмичанецот Јани Бојаџи во родниот град. Струмичани имаат ретка можност да го видат филмот кој предизвика контроверзии кои ја брануваат цела Македонија. Филмот „Ругање со Христос“ зборува за граѓанската војна во Грција и настаните од 2001 година. Искрено, жестоко и безкомпромисно. Емоционална приказна раскажана со прекрасните актерски креации на познати актерски ѕвезди од Македонија, Грција и Франција. Во Центарот за култура во Струмица од четврток до сабота во 19.00 часот. Репризи во петок и сабота! Во продолжение погледнете го интервјуто на Струмица Денес со Јани Бојаџи:
Струмица Денес: Како помина промоцијата на филмот во другите градови и како очекувате да помине во Струмица?
Јани Бојаџи: За жал, освен една проекција во Скопје, во рамките на фестивалот Киненова и една во Штип, каде во неколку часа билетите буквално беа разграбани, проекции имаше во киното Каос во Кавадарци каде што проекциите поминаа во целосен бојкот од локалните власти. И тоа е се. Ако може да се зборува за организирана филмска дистрибуција тоа за прв пат се случува во Струмица каде имавме однапред познати термини, време за дистрибуција на промотивен материјал, промоција, маркетинг, технички проби и се што во принцип би требало да се прави за да можеме и да очекуваме високи уметнички доживувања. И, сега, да, очекувањата од Струмица ми се амбициозни но и скромни во исто време затоа што јас сум во родниот град каде сето ова и не ми е потребно! Мене дома и кучињата на улица не ме лаат од Варошо до Ракиџискио мост. Но, направивме се што треба затоа што публиката треба да се почитува. Да се и додворува. Публиката треба да се разгалува. Затоа што таа е се! Без публика нема уметност!
Струмица Денес: Со оглед на условите, беше ли тешко да се организира проекција на филмот во Струмица?
Јани Бојаџи: За да дојдеме до моментот филмот да го прикажеме во мојата родна Струмица, поминав низ “сито и решето“ како што се вели по нашиве краишта. Три месеци барав термини во Центарот за култура кои не ми одговараа на барањата, потоа се обидов да влијаам преку локалните власти со комуникација со Градоначалникот Јаневски и председавачот на Советот на Општина Струмица Даскаловски и преку други влијателни луѓе од политиката од партијата на власт во државата, но се беше безуспешно! Немав избор па побарав ургениција од Претседателот на Владата Зоран Заев, затоа што беше глупаво уметник во родниот град да не може да го покаже своето уметничко дело! После тој мој разговор со Премиерот ги добив термините. Ете, ја користам приликата да му се заблагодарам за тоа. Но, очекувам од него истото да го направи и во другите градови, затоа што филмот е на сите граѓани од цела Македонија и сите имаат право да го видат.
Струмица Денес: Какви коментари од компетентни лица поврзани со филмот досега стигнаа до Вас?
Јани Бојаџи: Коментарите се за големо чудо, главно позитивни. Имаше две негативни рецензии од која едната беше нарачка од весникот Слободен печат со јасна цел, не да се направи рецензија на филмот туку анализа на мене како човек и моите социјални ставови, и тоа, замислете, истата таа новинарка напиишала три рецензии за еден филм во еден весник! И, се разбира, имаше неколку објави на социјалните мрежи од навистина еден етаблиран филмски критичар кој исто така на крајот признава дека наместо рецензија за филм правел вивисекција на моите и есхатолошките ставови на композиторот на филмот Горан Трајскоки со кого ние соработуваме повеќе од 15 години! Но, сите други вистински рецензии се позитивни и афирмативни. Но сепак на крајот останува најважната реценција, а тоа е рецензијата на гледачите. Е таа рецензија е блескава и тоа ме прави бескрајно радосен и среќен.
Струмица Денес: Тешко ли е да се биде уметник под македонско небо и со кои предизвици се соочува секој еден ваш колега?
Јани Бојаџи: Да се биде уметник е тешко насекаде, не само под македонското небо. Демони на филмските неба има секаде во Европа каде што ова уметност во голема мера зависи од финансиска подршка од државата. Во Македонија тоа е уште покомплицирано затоа што филмот и режисерите се сфаќаат како некакви “аристократи“ во уметноста! И тоа е направено така од онаа општествена класа на децата на поранешните комунистички функционери на кои единствено им беше “дозволено“ да се бават со филм! Тие деца на “црвената буржуазија“ на сите нас кои не припаѓаме на нивната социјална и политичка класа сме осудени на крвава борба на докажување и освојување на филмскиот простор кои тие го чуваат безмилосно напаѓајќи не сите други со сите средства. Во случајот со филмот “Ругање со Христос“ и со мене како уметник таа борба сега може да ја види секој граѓанин! Јас од првиот ден, кога стана јасно дека тие “војуваат“ со мене, се што правам е во таа борба да ги држам пред очите на јавноста, во видното поле на публиката! Јас признавам дека тие се посилни од мене. Тие имаат Влада, Министерство за култура, Обвинетелства, Судови, Полиција, Војска, медиуми, ПР составен од преку 60 добро познати луѓе кои земаат големи плати и имаат на располагање различни алатки за борба, државен буџет од 3,8 милијарди евра годишно, подршка од САД, Велика Британија, Германија, Франција, СОРОС,невладини организации и што ли уште не! Наспроти мене, кој зад себе ја има најсилната “војска“ од гледачи кои го виделе филмот и моќна армија на граѓани до заби вооружени со желба да го видат тоа што тие им го забрануваат! Каков ќе биде исходот на крајот, не знам? И не сакам да се бавам со тоа прашање. Јас сега немам друг избор освен да продолжам да се борам со нив затоа што ако сега им попуштиме работата ќе отиде до точка од која тешко дека ќе излеземе без реална, не ваква, сепак, сеуште за среќа само уметничка борба!
Струмица Денес: Кои се вашите идни планови? Во кои градови да очекуваме промоција во наредниот период?
Јани Бојаџи: Плановите ми се да преживеам! Во буквалниот смисол на зборот. Во овој момент тие се во онаа фаза, која јас ја најавив уште на почетокот, а тоа е фазата кога нема да ми дозволат да работам ништо во Македонија, со цел да ме остават без приходи за да можам да живеам. Тие знаат дека јас немам друг извор на средства освен мојата професија. Јас не работам во државна установа и не земам плата. Затоа, од пред една недела ми го стопираа и проектот кој започнав да го работам во Театарот во Велес! Намерата им е да ме уништат како човек! Јас сум сопруг и татко на двајца студенти. Што се очекува од мене? Да можам да обезбедам пари за наем, храна и за основни трошоци за живот. И тоа веќе станува невозмоно без било каква работа! Но, тоа е таа нивна методологија! Но имам искуство со нив. Имам историска емпирија во семјството! Тие ова борба ја воделе пред седумдесет години и со мојот дедо Владо Гајдаров во далечните комунистички времиња кога сакале да му ја земаат шивачката машина, затоа што не сакал да влезе во нивните “задруги “ туку сакал да си работи сам, во својот дуќан и да не зависи од нив и нивната милост! Тогаш дедо ми победил затоа што со него се бореле и неговите комшии кои го помагале во таа борба. Секогаш кога комунистичките конфискациски агенти доаѓале да ја земаат машината, комшиите ја криеле од една во друга куќа! Народот бил со него. Ете, така и јас денес се борам со нив. Со помош на публиката/народот кој ме штити и ме крие и мене и мојата машина – филм по “комшии“!
Струмица Денес: Што ќе им порачате на струмичани преку нашиот портал?
Јани Бојаџи: Сакам да им кажам дека бескрајно сум среќен што струмичани и струмичката публика ме подржува во ова што го работам сите овие години. Не само на филм или во телевизија туку и во театар. Најпосле, сето мое творештво е длабоко инспирирано од Струмица и струмичани кои не прастануваат да ме мотивираат и понатаму да продолжам да го правам ова. Јас сум сепак свесен дека, како уметник, мојата најголема подршка доаѓа од мојот роден град што е реткост која секој уметник би можел да ја посакува.