Во рамките на Програмата за еднакви можности на мажите и жените на општина Струмица за 2018 година, на стадионот „Младост“ се одржа женски турнир во фудбал „Сите сме еднакви – И девојките играат фудбал“ во кој учествуваа девојчиња од основните училишта во Струмица и фудбалскиот клуб „Беласица“. Турнирот го отвори Софче Иванова, заменик координатор за еднакви можности на општина Струмица.
-Општина Струмица е прва Општина која изработи стратешки документи за унапредување на еднаквите можности и има реализирано повеќе проекти и иницијативи кои покажаа огромни резултати на полето на еднаквите можности. Во реализацијата на активности од родова еднаквост, Општината не ги заборава и најмалите, децата. Имено свеста за рамноправност се развива уште од најрана возраст па се до адолесцентност и токму поради тоа за да ја подигнеме свеста кај граѓаните и да допреме и до најмилите, децата, а воедно да стимулираме поголема ангажираност на децата во разни спортски активности, општина Струмица вметна мерка промоција на девојки во нетипични спортови односно организирање на женски турнир во фудбал. Денешниот турнир е доказ дека Општината вложува во најмладите и дека ги поддржува не само момчињата во фудбалот туку и девојчињата кои поддеднакво се добри спортисти и се надевам дека настанот ќе ни биде поттик за надминување на дискриминирачките предрасуди за тоа кои спортови се машки а кои женски – спортот е за сите и сите сме еднакви, рече Иванова.
Турнирот се одржа во организација на ЖФК „Тиверија“ од Струмица, а со поддршка на општина Струмица, ФК „Беласица“, Фудбалската Федерација на Македонија и Опен фан фудбал.