Повратникот во македонската Прва лига, екипата на Беласица, неочекувано остана без тренерот кој ја врати во елитата, Раде Цицмиловиќ.
На точно две недели до почетокот на новата сезона во Прва лига, Беласица ќе мора да бара нов тренер. Подготовките веќе се почнати, екипите се составени, но Раде Цицмиловиќ нема да ја води Беласица. На својот профил на Фејсбук сподели дека се повлекува од лични причини.
„Поминав прекрасни две години во ФК Беласица и учествува во еден од најголемите успеси во последните 14 години, од Трета лига стигнавме до Прва и тоа е успех на сите, од целиот стручен штаб, до економот, секретарот, директорот, претседателот, играчите и навивачката група Ајдуци. По тие две прекрасни години имавме само два пораза, преку 180 дадени гола, а 10 примени. Си поднесувам оставка од приватни причини и одам со крената глава. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Славчо Васков Пинда за укажаната доверба. Оставам една одлична екипа, која е подготвена за големи дела и верувам дека ќе ја исполнат зацртаната цел.“, вели Цицмиловиќ.
Беласица се врати во Прва лига освојувајќи ја Втора-исток, а година претходно беше најдобра и во својот регион од Трета лига. Сега треба за две недели да најде тренер, кој ќе го продолжи победничкиот тренд и во македонската елита.