Еколошкото здружение „Здрава котлина“ го демантира соопштението на Владата на Република Македонија по консултативниот состанок за рудникот Иловица-Штука, кој се одржа пред пет дена во Струмица. Оттаму потенцираат дека нивните претставници не дале никаква согласност за учество во „мониторинг тело“ што ќе ја следело работата на рудникот, бидејќи тоа би значело дека прифаќаат рудникот да биде отворен.
„Во текот на состанокот, не е водена апсолутно никаква дискусија за такво тело. И да била водена, нашиот став би бил исклучиво ПРОТИВ. Ако некогаш се води, нашиот став ќе биде исклучиво ПРОТИВ. Немаме никаква намера да влегуваме во никакво заедничко тело за било што во врска со рудникот со никого, освен со граѓански активисти. Ние сме независна граѓанска иницијатива со свои активности и ќе продолжиме во истиот дух како и досега. Ќе учествуваме во јавни дебати за да ја шириме вистината за опасноста од рудникот. Наша недвосмислена, директна, единствена и непроменлива цел е рудник во Иловица-Штука да нема! Од таа цел нема да отстапиме никогаш и по ниедна цена и тоа повеќепати сме го нагласувале“-се наведува во реакцијата од здружението.
Од „Здрава Котлина“ сметаат дека соопштението на Владата е некоректно, како и обид за корумпирање и компромитирање на нивниот отпор во очите на јавноста.
„Соопштението на Владата е и манипулативно и спинувано во селекцијата и презентацијата на информациите, бидејќи се спомнуваат само наводните „бенефити“ од работата на рудникот, а не и нашата жестока аргументација во однос на смртоносната опасност од неговата работа. Недобронамерна е и ударната информација на соопштението дека цијанид (па и сулфурна киселина!) немало да се употребуваат, и покрај сите наши досегашни експликации за не помалата опасност од другите отрови кои ќе ги произведува рудникот. Ниту сме имале, ниту имаме, ниту никогаш ќе имаме „заедничка цел“ со концесионерот Еуромакс Рисорсис. Ги сметаме за потенцијални гробари на Струмичката котлина и за исклучително манипулативни и подмолни во нивните активности. И Владата и Еуромакс Рисорсис, а се надеваме и јавноста, конечно ќе сфатат дека ние не се бориме за никакви лични позиции или материјални придобивки, туку исклучиво за сопирање на најголемата опасност во историјата на Струмица и струмичко – Рудникот на смртта Иловица-Штука“-се наведува во соопштението доставено до медиумите.