Членовите на Советот на општина Струмица денеска ја одржаа единаесеттата седница на која присуствуваше и градоначалникот Коста Јаневски. На седницата беше усвоена предлог одлуката за измена и дополнување на буџетот на општина Струмица за 2018 година. Потребата од овој ребаланс се наметна поради доставените барања од буџетските корисници на буџетот на општина Струмица, пред се на буџетските корисници кои се финансираат со блок-дотации,за нивното непречено работење и со наметнување на некои нови приоритети на граѓаните за кои е неопходно усогласување на донесените буџетски програми, а градоначалникот Јаневски детално ги објасни причините за измена и дополнување на буџетот за оваа година.
На седницата беа усвоени и повеќе предлог програми, извештаи, одлуки и планови од повеќе области.
-Имавме 37 точки на дневниот ред. Сакам да истакнам дека по точката за ребалансот на буџетот имавме една долга дискусија, можам да кажам и поголема од кога се носеше буџетот на општина Струмица. Исто така, советниците од ВМРО ДПМНЕ имаа дискусии и по кварталниот извештај, но сакам да истакнам дека основниот буџет, иако имавме ребаланс, останува ист, само имаше пренамена на средствата во програмите на буџетот. Во првиот квартал, како што кажа и градоначалникот, имаме извршување од 18 посто, што споредено со другите години, исто така имаме околу 18 посто, што е задоволително, бидејќи знаеме дека граѓаните на општина Струмица повеќето обврски си ги плаќаат во последниот квартал и очекуваме извршување на буџетот од најмалку 90 посто на крајот од годината. Општина Струмица и градоначалникот продолжуваат со хуманитарната помош и на едно лице дадовме 50 илјади денари. Денеска на дневен ред беа и годишните планови за вработување за сите средни и основни училишта, извештаите за работата на јавните претпријатија „Паркиралишта“ и „Струмица гас“ и мислам дека работат рентабилно и им посакувам во наредниот период така да продолжат. Мислам дека оваа седница беше многу корисна за граѓаните на општина Струмица бидејќи градоначалникот Коста Јаневски убаво го образложи ребалансот на буџетот на општина Струмица и се надевам дека во наредниот период, општина Струмица како и досега во проекти ќе биде водечка општина во Република Македонија, рече по седницата претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.