Осомничените жители на село Василево, против кој пред два месеци беше поднесена кривична пријава за демолирање на казиното „Сенатор” во Струмица, го повториле делото но овој пат во друго казино.
Од полицијата информираат дека против 49-годишниот А.В. и 34-годишниот Д.Г. е поднесена кривична пријава затоа што оштетиле повеќе слот и рулет машини во казното „Мастербет” во Струмица.
Орудието со кое го направиле кривичното дело повторно е копач, со дрвена рачка. Според МВР А.В. со копачот искршил осум слот машини како и на една рулет машина во казино во Струмица.
„Во времето од 12.30 до 13.00 часот завчера во казино во Струмица, првопријавениот откако претходно играл на апаратите во казиното, зел копач и со истиот извршил оштетување на осумте слот апарати, на еден рулет апарат за игра, на еден ЛЦД телевизор марка „Sony”, како и на заштитно стакло од просторот на касата и еден монитор. Со ваквото дејствие А.В. направил материјална штета од околу 1 .500.000 денари”, велат од полицијата.
Д.Г. е осомничен за помагање затоа што тој го донел копачот во казиното.
„Оштетувањето на апаратите за игри на среќа е направено со метален копач со дрвена дршка, кој го внел второпријавениот и му го дал на А.В. Од страна на полициски службеници А.В. е лишен од слобода и задржан во просториите на СВР Струмица. Од страна на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица нему му е одредена мерка притвор во траење од осум дена”, додаваат од таму.
Истиот А.В. на крајот на март беше уапсен за истото дело. Пред само два месеци против него беше поднесена кривична пријава откако играл во казиното „Сенатор” и во еден момент го напуштил. Како што извести тогаш полиција по петнаесетина минути се вратил во казиното , со алат (копач) во рацете и за период од неколку минути, со удари со копачот, оштетил вкупно 44 апарати слот машини, и два рулети, напуштајќи го лице местото и правејќи вкупна материјална штета од 2.590.368 денари.