Училиштето на СОУ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ е дел од проектот Пробот којшто е во рамките на програмата на Европската Унија Еразмус Плус и Клучна акција 2 во кој учествуваат училишта и од Полска, Грција, Литванија, Словенија и Италија. Околу 25 ученици со помош на шест професори преку овој проект ќе учат да програмираат со помош на роботот Лего Мајндсторм ЕВ 3.
„Во рамките на проектот учениците изведуваат експерименти и го програмираат роботот, а професорите треба да изработуваат лекции кои понатаму ќе се користат во отворена платформа која ќе можат сите наставници да ја користат. Практично, шестте училишта ќе имаат веб-страница и сите тие ресурси ќе можат да се користат од професорите и учениците“ – изјави координаторот на проектот за Македонија, Софија Тошева.
Во проектот се вклучени повеќе предмети од природните науки меѓу кои Математика, Информатика и Физика, а со помош на програмирањето на роботот, учениците ќе можат да се надоврзуваат и да го користат своето искуство и во експерименти и задачи од спомнатите предмети.