strumica denes logo

Митрополит Струмички Наум: „Кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга!“

Автор:

Датум:

април 3, 2018

Категории:

Култура

Автор:

Датум:

април 3, 2018

Категории:

Култура

Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она што ќе побараме“. Он ги праша: „Што сакате да ви направам?” А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја“. Но Он им рече: „Не знаете што барате“ (Марко 10, 35–38). Навистина не знае што бара некој што превидува дека ако неговото барање се оствари, треба да седне пред Божјата Мајка и Божјиот Крстител. „Да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец” (Матеј 20, 23). Значи, тоа не зависи ниту од Бог, туку од самите тие што ќе го остварат, слободно и љубовно, од Бог поставениот критериум за единство и заедница со Него.

И што гледаме ние денес на храмовиот иконостас – икона на Царството Небесно: кој седи од десната и од левата страна Христова? Не седи ниту апостол – па бил тој Петар или Павле, ниту некој свет архиереј, односно не седи претставник на надворешното свештенство; не седи никој друг, туку првите и совршени носители на внатрешното, вистинско новозаветно, есхатолошко (вечно) и царско свештенство – Пресвета Богородица и Секогашдева Марија и свети Јован Крстител. Само преку носителите на ова свештенство во Црквата, а преку нив и во светот и во неговата историја, дејствува единствената непрестајна Литургија, односно Очевиот Домострој на нашето спасение, преку Синот во Светиот Дух Господ.

Сега, јас барем, не гледам некоја разлика по чест, како што гледам разлика во послушание, меѓу првото и второто (десното) место, бидејќи Христос во Нејзиниот скут седи; но меѓу второто и третото (левото) гледам – дека второто е поголемо по чест и од херувимското и неспоредливо пославно и од серафимското. Иако со напишаново е можно да соблазнам некој од читателите (кој не знае), сигурен сум дека нема да навредам никого од спомнатите овде – напротив. А четвртото место сѐ уште е отворено…

„Не зависи од Мене, туку од оние за кои е приготвено.“ Тоа значи дека Господ ни дава можност за градење совршен личносен однос со Него, но зависи од тоа кој колку сака да се отвори пред Бог и кој колку сака да се даде. Со други зборови, од нас зависи каков однос сакаме да градиме: дали синовски, наемнички или робовски. Нема предодреденост. Сѐ зависи од нас.

„Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10, 42–45).

Пресвета Богородице, по молитвите на света Марија Египетска, спаси нè!