strumica denes logo

ЖИВОТНИ СТОРИИ: Интересната приказна за струмичанецот кој станал зет на строгата професорка

Автор:

Датум:

октомври 1, 2018

Категории:

Животни стории

Автор:

Датум:

октомври 1, 2018

Категории:

Животни стории

 

Напоменуваме: По барање на личноста, сторијата е објавена анонимно.

Во склоп на нашата нова рубрика – „Животни стории од струмичко“, нашиот тим ја одбра првата животна приказна која ќе биде јавно споделена. Приказната потекнува од времето на поранешна Југославија, а ни ја раскажува активен читател, кој одбра да остане анонимен.

„Пред некои си 22 години, во времето кога наставничките се делеа на крајно незаинтесирани и попустливи и на крајно посветени и строги, јас ја имав среќата  биологија да ми предава наставничка од вториот тип.

Бевме 8 одделение кога се појави со дневникот во рака и уште од сам старт, на првиот час отворено ни кажа дека слушнала за нашите лудории и дека нема намера да ги толерира отсуствата. Да, навистина, во тој момент, нели најголеми во училиштето, бевме и најсилни. VII 1 дефинитивно беше прогласен за најтемпераментниот клас.

Имавме неколку неуспешни обиди да ја изнервираме среде предавање и на почетокот не носевме домашни задачи, но тоа престана кога без размислување ги повикуваше нашите родители на средба. Во тоа време, родителите ја бараа кривицата во своите деца, не во учителите. Голема работа беше да ти викнат родител, знаеш дека дома ќе го јадеш стапот. Така, бевме доведени во ситуација да не се осмелуваме да побегнеме од час, но затоа пак, продолживме континуирано со смешките, дофрлувањата и недисциплината за време на предавањето лекции.

Јас, како главен фраер и претседател на „лудиот“ клас,  во повеќе наврати се имав закачено со нејзе, де за оценка, де за домашно, де за муабетот со другарот позади мене. Воопшто не и’ бев омилен ученик. Всушност, мислам дека наставничката беше уверена дека целиот проблем со овој клас произлегува од мене. Знаеше да ме погледне накриво, да напише единица за полугодие…Дојде крајот на годината, требаат оценки за запишување. Кај ќе одам со тие единици?

Благодарение на класната, милостлива и тивка жена, наставничката по биологија некако се убеди да ми даде втора шанса за поправна оцена. Почеток на јуни, спарно време, во училницата не се дише. Ќе одговара претседателот, сите молчат.

-Ајде (моето име) , кажи ми што знаеш за една златна двојка. – ми се обрати таа, а јас молчам. Џабе ти дава избор на лекција, ништо не знам.

-Немаш ли омилена лекција? – настојува таа. Добро, тогаш ајде со последната тема, за размножување на човекот.

Во моето кусо, неповторливо излагање потпомогнато од соучениците имаше глупости со неизмерлив размер. Меѓудругото, дека и мажите имаат јајчници. Жената поцрвене од нервоза, а јас се смеам, се’ уште не ја сфаќам работата за сериозно.

Така, во еден момент, таа ја прекратува целата драматургија, ја пишува ревносно двојката во дневникот, го затвара и ми кажува дека се надева оти ваков идиот како мене никогаш нема да се размножи. После некои си десет години, ја потсеќам на истиот овој муабет додека мојата сопруга, а нејзината ќерка , се породува на гинекологија. Се смееме со солзи, оти судбината е чудо.

Оригиналот од приказната беше испратен во дијалектна форма. Струмица Денес ја предава приказната во стандарден македонски јазик. Доколку имате приказна за раскажување, не чекајте – испратете ни ја веднаш!