УБАВИ ВЕСТИ: ПРВОТО ЛИЦЕ ЗАБОЛЕНО ОД КОРОНАВИРУС ВО СТРУМИЧКО Е ИЗЛЕЧЕНО!

април 21, 2020

Седум нови случаи со коронавирус се регистрирани во изминатите 24 часа во државава и тоа три во Тетово и по два во Куманово и во Кочани. Во Градската општа болница „8 Септември“ почина 70-годишен пациент од Лабуништа, кој во тешка состојба бил хоспитализиран на 8 април и веднаш приклучен на респираторна машина, соопшти Министерството за здравство.

Институтот за јавно здравје, како што се посочува во известувањето, регистрира 24 излекувани пациенти кои се лекуваа во домашни услови, од нив пет се од Кочани, по четири лица се од Скопје и Дебар, по три се од Штип, Прилеп и Тетово и по еден излекуван има во Струмица и Куманово.

Бидејќи во вчерашниот извештај на ИЈЗ е двојно евидентиран еден контролен тест на пациент од Кочани, денеска е направена исправка со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 1.231. Последната дистрибуција по градови е: Скопје–411, Куманово–340, Дебар–51, Штип-34, Прилеп–117, Тетово–60, Струга–55, Велес–59, Битола–17, Охрид–15, Кавадарци–4, Гостивар–13, Гевгелија–4, Струмица–2, Крива Паланка–4, Радовиш–4, Крушево–3, Кочани–28, Пробиштип–2, Кичево–2, Неготино–2, Демир Хисар–1, Македонски Брод–2 и Пехчево–1, потенцираат од Министерството.

Во изминатото деноноќие направени се 207 теста, 201 преку преку ИЈЗ и шест во Клиниката „Жан Митрев“. Досега во земјата се направени вкупно 12.340 тестирања на Ковид-19.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се примени вкупно 60 пациенти. Од нив 18 се на кислородна поддршка, а четворица се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 Септември“ има 45 пациенти. Со потешка клиничка слика се седум, а пет се на респираторна машина. Во Битола се хоспитализирани вкупно 13 лица, а на домашно лекување се следат 15 пациенти. Во болницата во Штип, на болничко лекување се четири пациенти, а на домашно лекување се следат уште 19 пациенти, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ