ИНТЕРВЈУ НА СТРУМИЦА ДЕНЕС СО ЛЕКАРОТ КОЈ УЧЕСТВУВАШЕ ВО ТРАНСПЛАТАЦИЈАТА НА СРЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА, Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ!

мај 24, 2020

Среде корона-кризата, историски момент за македонското здравство. Во оперативен зафат, кој траел цели шест часа, вчера рано утрината на државната Клиника за кардиохирургија на 54-годишен пациент успешно му било трансплантирано срце. По тој повод, интервју со Д-Р Марјан Шокаровски, кој учествуваше и во експлантацијата и во трансплатацијата на срце. Шокаровски е Супспецијалист по кардиохирургија и специјалист по општа хирургија на Универзитетската клини за државна Кардиохирургија Скопје (раководител на одделот Оперативен блок). Во продолжение проследете го:

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Доктор Шокаровски, зад вас стои големо искуство. Сте работеле во повеќе клиники во земјава и регионот и сте учествувале во операции со различен степен на ризик. Вчеравечер бевте дел од тимот којшто учествуваше во првата трансплантација на срце од починат донор во земјава, со тоа што учествувавте како во експлантацијата, така и во самата трансплантација. Како е да се биде делот на кардиохирушкиот тим во кого беа вперени надежите на целата нација?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Одговорноста е огромна, притисок секако дека постои, но со тоа чувство секојдневно се соочуваме како професионалци. Секое влегување во операциона сала е нов предизвик и дури и помислата на неуспех не смее да биде опција. Кардиохирургијата не само професија,преставува многу специфичен начин на живот во кој моите пациенти ми го доверуваат нивното срце,нивниот живот па заради тоа при секоја моја операција должен сум да ги оставам емоциите на страна и со стабилни раце да дадам се од себе за да му го продолжам живтотот на мојот пациент.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Прочитавме дека на крајот имаше и аплаузи и широки насмевки кај членовите на тимот. Кој момент од целата ваша заложба и ангажман во текот на вчерашната операција, Ви остави најголем впечаток и засекогаш ќе Ви остане во сеќавање како посебен?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Секој чекор од оваа специфична процедура беше предходно многу внимателно разработен и испланиран, операциите на експлантирање и трансплантирање беа прецизно изкоординирани и темпирани и самото нејзино изведување во двете операциони сали на донорот и пациентот беа рутински изведени но со доза на возбуда поради фактот дека се изведуваат за прв пат во нашата држава .Доколку би издвојувал посебен момент тоа би бил моментот кога подареното срце на хероината за прв пат повторно зачука во телото на реципиентот.Во тој момент Иван почна да го живее својот втор подарен живот, а сите во операционата сала бевме среќни и го доживеавме тој момент многу лично.Се поклонивме на хероината донор,аплаудиравме на успехот да се подари шанса за нов живот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Бидејќи сте дел од кардиохирушкиот тим на Државната клиника во Скопје, дали сметате дека вчерашната операција е чекор напред во македонското јавно здравство? Сметате ли дека Универзитетската клиника во Скопје е подготвена и за уште поголем прогрес во тој поглед?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Клиниката за Државна Кардиохирургија од самиот свој почеток се стреми кон предизвици и напредувања.Амбициозноста,перфекционизмот и самопожртвуваноста се особини кои ги красат сите членови на Стручниот колегиум на нашата клиника,на чело со Проф.Д-р. Сашко Јовев,како и целокупниот персонал,без кои никако не може да се замисли нормалното функционирање на клиниката.Универзитетската Клиниката за кардиохирургија располага со најсовремената инфраструктурна медицинска опрема и помагала, а персоналот е подложен на секојдневна континуирана медицинска едукација во земјата и странство. Трансплантацијата беше само еден чекор во нашето напредување. Ние постојано имплементираме најнови оперативни техники, редовно ја ажурираме нашата опрема и знаења кои што се секогаш на нивото на високо развиените здравствени системи.Од тие причини,успехот е неизбежен.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се вашите видувања, дали после сите позитивни коментари и упатувања на благодарност до семејството на починатата донорка, донирањето органи ќе стане почеста пракса во Македонија?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Прво морам да истакнам дека единствениот херој во оваа приказна беше донорот и нејзиното семејство,кои несебично го поделија најскапоценото нешто што може да постои,а тоа е животот.Благородноста на овој чин нема никаква цена и преставува нешто најдрагоцено што може некој човек да направи.После ова ништо повеќе нема да биде исто како порано. Но за тоа да остане така, треба да се преземат мерки и од Министерството за Здравство за да се воведе уште посоодветна регулатива која ќе го потикне нашиот народ на ваков хуман гест. Но исто и Ние, докторите кои сме во постојан контакт со луѓе,треба уште посилно да преземаме иницијатива да го споделуваме програмот за донирање органи меѓу нашите пациенти и да ги мотивираме да го прифатат тоа како најхуманиот потег кој што еден може да го направи како последен гест при своето заминување од овој свет.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Да се биде кардиохирург е стил на живот. Вашата професија Ви носи огромен углед и авторитет во општеството. Но, скалпелот во рака освен прецизност, истовремено носи и голема одговорност. Како се справувавте со секојдневните предизвици на работното место?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Вистина е дека животот на еден кардиохирург не е воопшто лесен,но задоволството кое го дава резултатот од работата со пациентите,спасените животи и подобреното здравје на моите пациенти е највредниот подарок кој еден човек може да го добие во животот. Непреспаните ноќи и целодневниот престој на работното место не се реткост,но спасените животи и благодарноста на моите пациенти секојдневно ме мотивира да се вратам повторно во операциона сала и да го дадам мојот максимум.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кое е вашето мислење – кардиохирург се раѓа или се станува? Што е клучното во карактерот, што треба да го поседува секој оној кому му е доверен животот на пациенти на операциона маса?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Пред се хуманоста и алтруизамот,пожртвуваноста,професионалниот пристап кон работата и желбата за секојдневно надоградување. Како што наведов претходно, ова е навистина тешка професија која што има големо влијание и на приватниот живот на кардиохирургот. Така да за да се одбере оваа професија треба да се има предвид дека ќе има многу откажувања и многу малку време за приватен живот. Мора да се поседува крајна дисциплинираност и посветеност, способност за физичка и ментална издржзливост, како и задржување на присебноста,целосна контрола во секој момент и стабилни раце во операционата сала и во најкритичните моменти. Но секако и постојано надоградување и следење на најновите светски протоколи за третман на сите кардиохируршки заболувања. Подеднакво битна караткеристика е и поседувањето на емпатија. Кардиохирург мора да биде емпатичен према неговите пациенти, да сочувствува со нив,и да ги разбира нивната болест и психолошка состојба,со што полесно би се изборил со заболувањето на пациентот.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Во вчерашната операција учествуваа ваши истакнати колеги од приватните клиники и вашето соединување со нив наиде на голем број позитивни коментари од граѓаните. Според нив, кога ќе соберат најдобрите, добриот резултат е неизбежен. Какви се вашите проценки за новите генерации кардиохирурзи? Располага ли земјава со доволно млади лекари кои еден ден ќе го продолжат вашето дело или сепак, ќе ги почувствуваме последиците од одливот на мозоци?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Одливот на мозоци е реален проблем, чија што последица ќе ги почувствуваме во иднина. И мислам дека мора да се преземат уште поригорозни и посериозни мерки за нивно задржување во нашата држава, сепак се бориме сите за здравјето и благосостојбата на нашиот народ. Македонското здравство располага со доволно квалитетно едуцирани млади лекари кои што под соодветно водство и тренинг може да се развијат во навистина квалитетни професионалци,кардиохирурзи. Тоа зависи и од нас како ментори но и од нив како наши ученици. На нашите специјализанти им се посветуваме максимално и безрезервно им го пренесуваме нашето знаење и вештини, а за наша среќа тие се квалитетни поединци на кои тоа што им го даваме благодарно го примаат и дури и го унапредуваат и ажурираат со уште понови информации.Следејќи го одблиску развојот на нашите млади доктори на клиниката,мислам дека Македонија ќе има светла иднина во однос на кардиохирургијата.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Што е она, што ѝ недостига на Државна кардиохирургија за да биде чекор до чекор со приватните кардиохирушки клиники во државата? Што може дополнително да се направи, за да се придонесе од една страна што поголем број граѓани да бидат третирани кај вас, а од друга страна, третманот да биде висококвалитетен и да ги опфаќа и пациентите со ретки клинички слики? Какви материјални ресурси би ви биле од голема помош, ако располагавте со нив?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Клиниката за Државна Кардиохирургија ги поседува сите потребни технички, просторни и кадровски услови.Сите процедури како дијагностички така и терапевтски се изведуваат следејќи ги најсовремените протоколи за третирање на одредени заболувања и начинот на лекување воопшто не заостанува од врвната светска клиничка пракса.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За крај, што би им порачале на сите оние кои допрва одат по патот на успехот за врвни хирурзи, ако се има предвид дека Вие тој пат одамна го имате изодено?

Д-Р МАРЈАН ШОКАРОВСКИ: Првично би им порачал да бидат свесни дека кардиохируршкиот професионален пат и крива на учење се долги и исклучително захтевни и тешки.Професионалноста,пожртвуваноста и желбата за усовршување мора да се искомбинираат со челичната воља,дисциплинираност и физичка издржливост,а пред се љубовта према оваа професија треба да биде примарниот мотор кој те тера секојдневно да даваш повеќе од твоите 100%.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ