Протестен марш во Струмица против изградбата на рудникот Иловица

јуни 4, 2018

Струмичани ќе излезат на протестен марш на 16 јуни поради тоа што се уште нема конечно решение за стопирање на изградбата на рудникот Иловица. Маршот, според најавите, ќе започне во напладне, од плоштадот во Струмица кон седиштето на концесионерот Еуромакс Рисорсис.

„Време е Струмица и струмичко да се соочат со реалноста. Најновиот развој на настаните во врска со смртоносниот рудник Иловица-Штука е загрижувачки и остава голем простор за сомневање дека зад грбот на јавноста се крои судбина во која целиот регион е изложен на огромна опасност.

Сите можни рокови изминаа. Ние досега многу зборувавме и пишувавме за тоа какви погубни последици ќе произведе тој рудник за животната средина, за земјоделието, економијата и за животите и здравјето на граѓаните. Се еден збор – доведен е во прашање целокупниот опстанок на Струмичкиот регион. Изградбата на тој рудник ќе значи опустошување на Котлината, со што ќе отпочне неповратен процес на иселување и деградација, за сметка на бескрупулозни туѓински експлоататори, чија единствена цел е профит и ништо друго.

Нив не ги занима дали вие или вашите деца ќе се разболите од рак или од некоја друга смртоносна болест, како резултат на бројните отрови кои ќе произлезат од работата на рудникот. Нив ги интересира да ископаат злато и да заминат, оставајќи зад себе апокалиптична пустелија. Загрозени ни се трите основни елементи на животот – воздухот, водата и почвата. Со тој рудник, ние немаме иднина.

Неговата изградба ќе значи само едно: Смрт за Струмица и струмичко!

Тоа е реалноста и време е да престанеме да ги затвораме очите пред неа. Време е самите вие, драги сограѓани и соселани, да им дадете на знаење на сите дека рудникот е неприфатлив, по ниедна цена. На 16-ти јуни, од 12:00 до 14:00 часот, сите треба да јасно да видат дека народот нема намера пасивно да чека да биде отруен. И дека ќе се спротивстави. Ќе дојдат граѓани од целиот Југоисток и од цела Македонија. Овој рудник е проблем за целата држава“, стои во соопштението за протестот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ