КРУМ ВЕЛКОВ: ВИЕ ШТО ЧЕКАТЕ, ПОКАНА ЗА БАЛ? (До струмичките локални самоуправи, за рудникот)

мај 29, 2018

Дегутантно е, непримерно, неодговорно и кукавички тоа што властите на струмичките општини, советите и градоначалниците, и по толку месеци откако се на власт немаат изустено ниту збор за проблемот со рудникот Иловица, а ситуацијата станува се’ подраматична. Меѓу другото, во Струмица се одржаа две јавни медиумски трибини, на кои дојдоа градоначалнициte од Југоистокот, но струмичките, крајно некултурно, не само што не дојдоа да кажат два збора, туку и целосно ги игнорираа.

Вистина е дека Советот на Општина Ново Село донесол некакво мислење дека е против изградба на рудникот и тоа е се’, но ни оддалеку доволно. Новите локални гарнитури дојдоа на власт со усти полни ветувања дека ќе се заложат против рудникот, а потоа го „заборавија“ . Веројатно заборавија и на фактот дека природата на нивната работа е да ги штитат граѓаните од секаков вид загроза.

Јавно констатираме дека не ја исполнуваат својата примарна функција.

Вистински резил е фактот дека покрај градоначалниците и претседателите на советите, ниту еден од толку советници, од било која партија, не излезе јавно да каже каква всушност опасност и’ се заканува на Струмичката Котлина. Н-и-т-у е-д-е-н. Нула. Знаат се’ и молчат. Имаат семејства, поколенија, кои самите тие ги доведуваат во опасност со своето себично однесување. Зарем е можно некој да им ги контролира судбините на тие луѓе до степен на таков фатален апсурд? Да бидат такви робови? Ние знаеме дека некои советници имаат/имале „релации“ со Еуромакс Рисорсис, и тоа ќе излезе на површина. Се’ ќе се знае.

Особена одговорност имаат градоначалникот и Советот на Општина Струмица, како доминантно најсилна општина во регионот. Го видовме на изложби, концерти и прослави, бил одличен лекар, што е фино, но што од тоа кога на сите над главата ни виси Дамоклов меч на смртната опасност од Рудникот Иловица?

Што презедовте вие за да не заштитите, г-дин градоначалник? Што чекате во ситуација кога сите сме под егзистенцијална закана?

Ситуацијата станува алармантна, бидејќи Еуромакс Рисорсис лобира насекаде. Имаат свежи пари. Имаме информација од Општина Босилово дека токму овој период генералниот секратар на владата наводно упорно „вршља“ и прави притисок за пренамена на земјиште во полза на рудникот. Ќе го испитаме и тоа. Деновиве истекува рокот „крајот на мај“ за завршување на странската експертиза за (не)законитоста на концесиите. Премиерот е импресиониоран од „новиот инвеститор“ на Еуромакс и од тоа што ќе немало цијанид. Лошо ни се пишува, струмичани.

Ако локалните власти и натаму имаат намера да се кријат по ќошиња и да очекуваат друг (т.е. ние од отпорот) да им ја врши работата – се излажале во пресметките. Незадоволството ќе биде насочено и кон нив, оправдано. Затоа што, да повториме, не ја исполнуваат својата примарна функција – да ги штитат граѓаните од кои се платени. Ако продолжи така, тие граѓани ќе имаат полно право да се заштитат сами, меѓу другото и од нив.

Потребно е итно и координирано дејствување со заеднички настап на сите струмички локални самоуправи, на градоначалниците особено, во насока на недвосмислено давање на знаење дека струмичкиот регион целосно ќе се обедини против рудникот, без оглед на партиски и други поделби, бидејќи сите сме смртно загрозени. Тоа е над секоја можна и неможна политика. Бидејќи клучна работа сега е омасовувањето на отпорот, за почеток од нивна страна ќе очекуваме јавна поддршка и повик до граѓаните да се придружат на надпартискиот и надполитички протест кој е во подготовка.

Доста се криевте.

ФЕЈСБУК СТАТУС НА КРУМ ВЕЛКОВ

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ