МИТКО БОЈАЏИСКИ: РУДНИЦИ, РЕФЕРЕНДУМИ И УСТАВЕН СУД

јули 5, 2018

Минатата година имаше референдуми во општините засегнати со рудниците Казандол и Иловица, имаше и во Гевгелија.

Целта беше да се чуе и да се испочитува гласот на граѓанинот преку најзначајната алатка  во, таканаречениот, демократски свет – референдумот.

Уставниот суд сега почна да ги поништува.

Ги поништува со образложение дека без разлика што минералните суровини се наоѓаат на територијата на одредена општина, тие се во сопственост на државата затоа што имаат стратегиско значење за развојот на стопанството пa знив одлучува државата… а не, засегнатата општина во која што живеат засегнати жители, во конкретниот случај, крајно сериозно, засегнати.

Тоа значи, меѓудругото, дека доколку една општина има таков вид на проблем, треба да распише референдум на територија на целата држава а ефектот од тоа, се разбира, ќе биде рамен на нула. Таков референдум нема никакви шанси за успех.

Во случајот, дали, навистина, референдумот е најзначајна алатка!!! Дали е, всушност, било каква алатка!!!

Знаеме дека во уставниот суд, судат ,,врвни,, правни авторитети. Дека  нивната посветеност на правдата е ,,голема,,. Но, ние со нивната одлука имаме проблем, како и со нивното образложение кое што кажува дека  интересот на државата е над волјата на граѓаните, над здравјето, животите на граѓаните.

За минералите во Иловица се знае со децении. Зарем мислите дека во целиот тој период, некому не му течеле лиги за профит?  Зошто за сите тие децении не е отворен рудник? Сега се најдоа мажи?! Се на се, бедно е, нели? И крволочно, нели?

Значи, што треба да направиме НИЕ кои што по грешка сме родени во близина на минералите кои имаат стратегиско значење! НИЕ, кои според Вас,  го кочиме развојот и ја спречуваме благосостојбата што треба да настане со отварањето на рудниците? НИЕ кои сме антипатриоти, предавници, гадови кои одбиваат да умрат за развојот на државата, непожелни елементи кои им прават проблеми на бруталните светски профитери и на нивните домашни слуги?!

Којзнае утре кои луѓе во државата ќе се најдат на погрешно место, а денес не се ни свесни за тоа!

Патем кажано, 400 000 луѓе се загрозени поради ,,интересот на државата,, според уставниот суд. Но, навистина! Кои фактори и чии интереси стојат позади ,,интересот на државата,, во дадениот случај?!

Неодамна нови 80 концесии се потпишани исклучиво во југоисточна Македонија а кои што, до колку дозволиме да се реализираат, ќе не направат решето.

И што со нас 400 000 кои сме родени по грешка до минералите?! Што со нашето здравје и здравјето на нашите деца? Нема да ни биде ништо? Можат да функционираат и рудниците и НИЕ? Ќе продолжите да не убедувате во тоа на начин што ја навредува нашата интелигенција и здравиот разум?

Да резимираме: Пресудата на уставниот суд, најблаго кажано, ни сугерира дека државата е таа која одлучува каде смее да има рудник, а ние граѓаните немаме реална правна можност да ја спречиме.

И каков начин на борба Вие, господа,сега ни  предлагате?

Можеби ќе не советувате да се помириме со судбината?

Не, господа! Ние мораме да се бориме. Немаме друг избор. Рудници не смее и нема да има.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ