МИТКО БОЈАЏИСКИ: ИЛОВИЦА И МАРЛБОРО!

август 6, 2018

,,Ако се докаже дека рудниците се тие што ја загадуваат животната средина, први ќе се повлечеме. Но, треба тоа да се докаже. Нашите сознанија говорат дека и покрај долгогодишната работа на актуелните рудници нема регистрирани професионални заболувања, ниту пак има зголемен број на болни од болести кои би биле предизвикани од рудниците.,, – Изјави претседателот на Асоцијацијата за рударство Николајчо Николов.

Во ред, тоа е неговата бајка а сега ќе ви раскажам една вистинска приказна. Тутунската индустрија со децении беше обвинувана за предизвикување канцери и други сериозни болести но тоа не можеше да се докаже од разбирливи причини, нели! Факторите од бизнисот како папагали ја верглаа истата или слична изјава како Николајчо наш а во меѓувреме, бизнисот цветаше, се вртеа милијарди…

Притисокот во јавноста полека растеше, се зголемуваше, но многу полека затоа што браншата имаше доволно пари за да ги изгаси навреме сите пожари што можеа да нанесат штета па дури и тие кои што уште не беа запалени. Се купуваа политичари, судии, се одржуваше цела армија адвокати, пропагандата на корпорациите беше на завидно ниво…
Но дојде време кога работите се променија. Паднаа првите милионски суми за обештетување на заболени, политичарите сфатија дека треба да го менуват речникот, Формула 1 беше принудена да се откаже од своите најголеми спонзори Марлборо, Лаки страјк, Вест…

Марлборо отсекогаш беше најјак бренд. Оние кои се доволно возрасни, добро се сеќаваат на нивните впечатливи реклами со каубоецот со шешир и цигара во устата без и со коњ. Ерик Лосон беше Марлборо каубој од 1978 до 1981 година. Пушач уште од 14 години. Умре од хронична опструктивна болест на белите дробови. Но пред да умре, се појавил во реклама за борба против пушењето. И зборувал на трибини за негативните последици од пушењето. Дејвид Милар звездата на рекламите на Марлборо, умре од емфизем на белите дробови а неговиот колега Дејвид Меклин од рак на белите дробови во 1995 година.
Денес, веќе, сите го знаат она што од многу одамна се знае. Научно е докажано дека цигарите се опасни и никој не се обидува тоа да го негира. На сила се забранети зони за пушење, забрани за рекламирање, натписи на цигарите дека пушењето убива, со слики… но останува фактот дека сето тоа е само едно обично лицемерие во светски размери. Лицемерие кое функционира со сугестија дека државата не ве тера да се тровите на сила, таа, едноставно, само ви овозможува.

Што се смени во меѓувреме во бизнисот? Ништо значајно. Продолжува да функционира одлично и се уште умираат милиони.
А сега, ако сакате, прочитајте ја изјавата на Николајчо уште еднаш.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: