Екстремно топло со потпросечни врнежи се карактеризира времето во втората половина од октомври.
Од УХМР наведуваат дека според измерените вредности за среднодневната темпрература на воздухот првата декада од октомври се категоризира како вообичаена, но што се однесува на втората декада, земајќи предвид и прогнозираните температури до крајот на втората декада, се категоризира како екстремно топла, освен на западниот планински дел и се очекува да го надмине многугодишниот просек од три до пет степени.
Рекордните вредности на максималната температура на воздухот на повеќето метеоролошки станици во октомври не ги надминуваат многугодишните апсолутни вредности.
Највисоката температура во октомври годинава е измерена во Гевгелија од 32,6 степени, додека максималната измерена досега на ова мерно место е 35,4 степени. Максимално измерените темпратури во периодот од 1951 до 2018 година за октомври се 34,5 степени во Демир Капија, Штип 34,1, Скопје 33,6, Струмица 32,2, Прилеп 32,3, Битола 31,8, Крива Паланка 31,3, Охрид 28,9, Берово 31,5, Маврово 27,3 и Лазарополе 27,4 Целзиусови степени.
Инаку, денеска и во сабота кај нас се очекува мала промена на временската состојба која ќе биде проследена со локална позначителна облачност а ќе има услови и за локален краткотраен дожд и ретки грмежи, соопштува метеорологот Славчо Поповски.
Дождот ќе биде со слаб интензитет и тоа нема да биде ништо значително за да ја ублажи сушата која ја зафати територијата на Македонија.
Сепак и покрај малата промена на времето температурите на воздухот ќе останат многу високи за овој дел од годината и истите ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 28 степени. Во најтоплите региони истите се очекува да се искачат повторно до околу 30 степени. Ќе започне да дува и слаб до умерен ветер но ќе биде од променлив правец.