ВИДЕО: Космонаутите кои Илон Маск преку „Space X“ ги испрати во вселената пристигнаа на Меѓународната вселенска станица!

март 4, 2023

Вселенското летало „SpaceX“ кое превезува двајца американски астронаути, руски космонаут и астронаут од Обединетите Арапски Емирати успешно се приклучи на Меѓународната вселенска станица (ISS) денеска во 1:40 часот по локално време, речиси 25 часа по лансирањето од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Кејп Канаверал, Флорида.

Во понеделникот лансирањето беше откажано три минути пред полетувањето поради технички проблеми. Откако мисијата беше откажана, затнатиот филтер беше заменет, системот беше исчистен, а потоа започнаа подготовките за ново лансирање.

Четиричлениот тим има задача да спроведе повеќе од 200 експерименти и технолошки демонстрации на вселенската станица, почнувајќи од истражување на растот на човечките клетки во вселената до контрола на запаливи материјали во микрогравитација.

Некои од истражувањата ќе помогнат да се отвори патот за идните долготрајни човечки експедиции на Месечината како дел од програмата на НАСА Артемида, нејзиниот наследник на Аполо, објави американската вселенска агенција.

Екипажот на „ISS“ е одговорен за одржување и поправки на вселенската станица, како и подготовка за пристигнување и заминување на други астронаути и товар.

Ова е шести пат кога „SpaceX“ обезбедува превоз за астронаутите на НАСА до „ISS“ во изминатите три години, откако милијардерот Илон Маск почна да испраќа американски астронаути во орбитата во мај 2020 година. Оттогаш, SpaceX транспортираше екипажи и товар за НАСА до „ISS“ користејќи ја својата ракета „Falcon 9“ и капсулата „Dragon“.

Екипаж-6 се состои од астронаутите на НАСА Стивен Бовен и Ворен Хобург, астронаутот од Обединетите Арапски Емирати Султан ал-Неџади и рускиот космонаут Андреј Федјаев.

Султан ал Неџади (41) е четвртиот астронаут од арапска земја во историјата, односно вториот од Емиратите, но тој е првиот што поминал шест месеци во вселената.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ