Perdormire
Струмица Денес

Уште две недели рок за годишните даночни пријави

Слаб е одзивот на граѓаните за поднесување на годишни даночни пријави. До законскиот рок за пријавување на дополнителната заработка надвор од редовната плата за минатата година има уште две недели. Според податоците на Управата за јавни приходи, засега мал број на даночни обврзници ги доставиле извештаите. Граѓаните кои денеска ги затекнавме на шалтерите во скопските канцеларии на УЈП се лути затоа што иако Владата предизборно најавуваше дека ќе ја укине оваа обврска, сепак тоа не се случи. Најавата е дека ќе стартува дури следната година.

„За жал, кај нас уште ќе се влече вака, а ниту службите не се организирани како што треба. Во саботата бев овде и не работеа. Тоа не е во ред. Во случај кога се пријавува годишна даночна пријава и има масовна посетеност на УЈП, мислам дека не е во ред. Каде се тие шалтери? Нема. Барав на интернет нема. Единствено во општина Аеродром, а Центар, Карпош нема.“

„За мене лично не е тешко, но сигурно има граѓани кои не им се јасни работите и потешко им оди и ќе им треба помош од некој друг. Мислев дека од оваа година ќе биде, но ете не знам дали се применува тоа…“

„Мислам дека не треба. Сите наши податоци ги имаат во системот. Ова според мене е џабе губење време и малтретирање. Ништо друго“, велат граѓаните

Од УЈП велат дека најмногу годишни пријави има пристигнато во даночните одделенија во Скопје. Веднаш потоа се Штип и Битола, а по нив следуваат Прилеп, Тетово и Струмица. Од вкупно 400 илјади предвидени даночни обврзници досега годишна пријава поднеле само 140 илјади граѓани. Крајниот рок е до 15 март. Оние кои нема да достават ризикуваат да добијат казна од 200 евра.