Претставник од општина Струмица на работилница за зајакнување на системот на предучилишно образование

март 8, 2018

Во организација на УНИЦЕФ и Светската Банка, а со цел за поддршка на Министерството за труд и социјална политика, на други надлежни министерства, институции, локалната самоуправа како и на академската заедница, се одржа работилница за зајакнување на системот на предучилишно образование. Оваа работилница е дел од напорите за идентификување на клучните приоритети за подобрување на пристапот, квалитетот и правичноста на предучилишното образование и идентификување на иницијативите за пилотирање во однос на заемот од Светската Банка.

Во рамките на програмата на работилницата, беа разработени повеќе акциски области и подрачја на дејствување особено за ефективно планирање и употреба на ресурси, подготовка и спроведување на наставен план, ангажирани семејства и заедници, посветен и компетентен кадар и мониторинг, надзор и евалуација за обезбедување квалитет.
На работилницата учество зеде и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која меѓу другите приоритети и предизвици, го потенцираше обезбедувањето на услови за зголемен опфат на децата во системот на згрижување и воспитание, преку универзален пристап до рано учење и развој на сите деца од 3-6 години.
Овластениот просветен инспектор од општина Струмица, Зоран Узунов, во рамките на акциската област за мониторинг, надзор и евалуација на воспитно-образовните установи основани од општината, зеде учество во работните групи за развивање на сеопфатен систем за надзор и обезбедување квалитет и изградба на капацитети за користење на системот за надзор.

Општина Струмица, како една од засегнатите страни во директната практична примена на елементите за подобрување на системот на предучилишното воспитание и образование, ги поддржува сите иницијативи и напори за развивање на цврсти развојни политики во оваа област, преку системски пристап за користење на основните политички, јавни и финансиски ресурси за исполнување на целите утврдени во стратешките документи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ